Потресна сторија за двајца браќа – 25 години врзани за кревет, мајката плаче и моли за помош
Додека поранешниот министер за Труд и социјални работи, пијан и дрогиран се забавувал со своите соопартијки и се возел со службени возила, обезбедувањето на некогашниот премиер, како и еден куп други функционери трошеле по илјадници евра на службени ручеци, а пратениците сложно и од власта и од опозицијата добивале стотици илјади евра годишно како патни трошоци и додека и оваа сегашна влада и премиер отвараат некои чудни министерства се со цел да ги вработат своите полуписмени партиски потрчковци, некогашни револуционери, твитерџии, „интелектуалци“, оваа мајка над дваесет години живее со своите непокретни синови без никаква помош од институциите.
Некогаш среќни и полни со надеж и оптимизам за живот. Денес сосем спротивно од тоа. Тага и очај. Судбината си поиграла со велешкото семејство Димитријевски.
Оваа мајка секојдневно ги гледа своите деца како венеат, беспомошни за било што, обидувајќи се со својот дух кој се уште ја држи, барем малку да ги развесели, да ги расположи.
Триесет и деветгодишниот Ристе и три години помладиот Влатко веќе четврт век се врзани за кревет. Речиси на иста возраст добиле иста дијагноза – церебрална попреченост. Поминало време додека Лила и нејзиниот сопруг Недо се соочиле со стварноста – дека на нивните деца им се повеќе од потребни. Лила низ солзи ја започнува својата приказна.
„Толку ми е тешко, толку ми е мачно, не можам тоа да го искажам“, вели Лила Димитријевска – мајка на Ристе и Влатко.
Родителите на Ристе и Влатко некако успевале да се справат со болеста на своите деца. Не барале помош од никого. Се до пред пет години, кога Недо починал. Неговата сопруга раскажува дека умрел од тага. Последните неколку месеци заминувал во планина да се извика, да му излезе болката. Еднаш заминал и не се вратил повеќе.
Го пронашле мртов во шумата, срцето му препукнало. Оттогаш почнуваат најголемите маки за Лила.
„Пет години не се излезени од овие пет ѕида. Нема кој да ги изнесе, не можам сама. Плачат за надвор“, вели мајката.
Ова семејство добива од државата паричен надомест, но парите не стигнуваат за се. Згора на тоа, наместо мајката, државата го назначила постариот Ристе за старател на помладиот Влатко, па сега само едниот од нив добива парична помош.
Лила мора да плаќа негувателка и масер, кој доаѓа еднаш неделно. Децата сакаат повеќе, но лила нема пари за тоа. Општината и подарила дигалка, со која едвај некако ги преместува на спиење, но нема сила да ги изнесе надвор, на чист воздух.
„Сакам и тие како и другите деца да видат што е живот, како е живот, да го види базенот, сака и тој да се бања“, раскажува мајката.
Пред неколку години ги испратила во заводот за рехабилитација во струмичко Банско, но откако видела дека грижата за болните таму е очајна, си ги земала дома. Имам чувство, вели таа, дека државата дигнала раце од овие луѓе.
„И праќам апел на владата, да има во секоја општина установа, да ги земат барем четири часа, да се ослободам малку, не можам сама. На многу мајки му треба тоа“, вели мајката.
Додека Лила во солзи ја раскажуваше својата мака, нејзините синови слушаа. Постариот Ристе се чини некако смирен, се соочил со својата болка и се носи со неа. Но помладиот Влатко е бунтовен. Нервозата кај него е повеќе од видлива.
Ристе постојано го смирува, вели Лила. „Не се нервирај брат, и ние еден ден ќе бидеме нормални луѓе“, му велел постариот на брата си. Но, како и двајцата да се свесни дека животот си поиграл со нив. Затоа, среќни ќе ги направи барем една обиколка на Велес и езерото Младост кои не ги виделе со години, а дружба со други луѓе за нив е вистински празник.
Но, за тоа треба и државата и хуманите луѓе да се сетат. Оти за многумина невидливи работи, за ова семејство се вистинско богатство.