СветТоп

Поранешниот шеф на германското контраразузнавање: Исламот е добро подготвен да ја освои Европа!

Неодамна во јавноста, преку германската телевизија ФПО, Ханс-Георг Масен, поранешен директор на службата за контраразузнавање на Германија, сподели многу шокантен став од кој не само Германија туку и целата европска јавност беше вџашена. Тоа беше не само поради самата изјава како таква туку и поради тоа што беше изречена од лице што до пред само неколку години беше прв човек на германската безбедносна служба БфВ, кое располагало со исклучително сензитивни безбедносно-интересни информации што ги засегаат прашањата за заштита на уставниот поредок на Германија, како и внатрешната безбедност на ЕУ.

– Ни се приближува сосема поинаква култура. Воопшто не сме подготвени за тоа, бидејќи не сме способни да ги решаваме конфликтите на кој било начин, особено не со насилство, како што го прават тоа семејните кланови од арапските земји. Овие луѓе ги решаваат конфликтите со насилство, додека луѓето во Централна Европа мислат дека тоа може да се направи само преку судови. Европејците ќе подлегнат на исламот. Од една страна затоа што не можат ниту да видат дека се случува овој конфликт, а од друга затоа што не можат да ги решат конфликтите на сличен начин – рече Масен во интервју за ТВ ФПО, наведувајќи дека „крајниот резултат ќе биде постепено уништување на нашата европска култура“.
Ханс-Георг Масен ги опиша Европејците дека живеат без визија или мисија, додека другите култури во подем имаат јасна претстава за тоа кои се тие и кои се нивните цели.

– Не знаеме каде сакаме да одиме. Не знаеме како треба да изгледаат Германија или Австрија во 2030 година. Живееме само во моментот и затоа губиме од другите, кои имаат религија или идеологија, кои знаат каде сакаат да одат. Ни недостига мисијата. Претежно муслиманите доаѓаат кај нас со сосема поинаква свест за културата, религијата и семејството. Во секуларна Европа, религијата и семејството – ако сè уште се важни – се работа на поединецот, но во овие култури тоа е прашање на масите – продолжи тој.
Поранешниот шеф на разузнавањето рече дека Германија и Австрија би можеле да почнат да ги одвраќаат луѓето на границите – поради регулативите на трети земји. Понатаму, државата би можела да депортира или да обезбеди доброволно заминување за „стотици илјади странци што не сакаат да се интегрираат и кои би можеле да извршат криминал и да продолжат да зависат од социјалните бенефиции од државата“. Една од главните спорни точки за западните влади е тоа што другите нации одбија да ги вратат своите државјани, но Масен рече дека има многу алатки за справување со таквите нации.

– Исто така треба да биде можно да се убедат странските земји да ги прифатат нивните државјани по налогот за депортација. Ако не го сторат тоа, можете да ги замрзнете нивните средства, да ги спречите (нивните граѓани) да патуваат во Европа и други работи. Мора да ги убедите тие држави да се однесуваат во согласност со меѓународното право – рече тој.
Масен се сомнева дека германските политичари планираат да преземат какви било сериозни мерки против илегалната имиграција и покрај зголемените ризици.

– Зошто не ги принудуваме земјите како Италија и Грција конечно да го направат она што треба да го направат според европските договори, а тоа е разумна заштита на границите? Зошто ги оставаме овие луѓе да дојдат кај нас, да ги хранат и да трошат милијарди на нив, додека многу локални жители, кутри пензионери со 920 евра пензија по полн работен век, мора да собираат шишиња – рече Масен.

Поврзани вести

Back to top button