ЖивотЗдравјеТоп

Научно докажано, смеењето го подобрува здравјето на срцето

Уникатното медицинско истражување, спроведено од бразилски кардиолози, покажало дека пациентите со кардиоваскуларни проблеми, кои гледале телевизиски комедии имале подобрување на здравствената состојба, ппшува „Гардијан“. Старата поговорка дека „смеата е најдобриот лек“, можеби сепак е вистинита, кога станува збор за здравјето на срцето. Новата студија покажала дека смеењето предизвикува проширување на ткивото во срцето и го зголемува протокот на кислород низ телото.

Истражувањето покажало дека, кај пациентите со коронарни заболувања кои биле вклучени во терапија со смеа, дошло до намалување на воспалителните процеси и подобрување на нивното здравје.

– Нашето истражување покажа дека терапијата со смеа го зголемува функционалниот капацитет на кардиоваскуларниот систем, изјавил водечкиот автор на студијата, професорот Марко Сафи, од болницата во Порто Алегре во Бразил.

Добиените наоди биле претставени на годишниот состанок на „Европското здружение за кардиологија“ во Амстердам, најголемата светска конференција за срцеви заболувања.

Ова е прва студија од ваков вид на научниците, која испитува дали терапијата со смеа може да го подобри здравјето на пациентите со срцеви заболувања.

Во истражувањето учествувале 26 возрасни пациенти, со просечна возраст од 64 години, на кои им била дијагностицирана коронарна артериска болест, предизвикана од акумулација на наслаги во ѕидовите на артериите кои го снабдуваат срцето со крв.

За време на тримесечното времетраење на студијата, половина од учесниците гледале два различни канали кои емитувале популарни комични серии, по еден час секоја недела. Другата половина гледашле програми со документарни филмови за политика или глобалното затоплување.

Конечно, по 12 недели, пациентите кои ги гледале комедиите покажале подобрување за 10 проценти, во тестот кој мери колку кислород може нивните срца да пумпаат во крвотокот.

Групата покажала подобри параметри и според друг критериум што бил тестиран, а тоа е дека нивните артерии подобро се прошириле.

Им биле дадени и неколку тестови на крвта кои ги мереле воспалителните биомаркери, кои покажуваат колку наслаги се акумулирале во крвните садови и дали луѓето се изложени на ризик од срцев или мозочен удар. Резултатите покажале дека овие воспалителни маркери биле значително намалени, во споредба со контролната група.

– Кога пациентите со коронарна болест пристигнуваат во болница, тие имаат високи нивоа на воспалителни биомаркери, забележува д-р Сафи.

Воспалението е клучен дел од процесот на атеросклероза, кога наслагите се акумулираат во артериите.

Оваа студија покажала дека терапијата со смеа може да помогне да се намали воспалението и да се намали ризикот од срцев и мозочен удар. Професорот смета дека, терапијата со смеа би можела да се примени во здравствениот систем за пациенти со ризик од срцеви проблеми.

– Не мора да бидат само ТВ-програми – луѓето со срцеви заболувања можат да присуствуваат на вечери на комедии или да се охрабруваат да уживаат во забавните ноќи со пријателите и семејството што е можно почесто. Луѓето треба да се трудат да прават работи што ќе ги насмеат барем двапати неделно, додал тој.

Според него, во иднина, терапијата со смеа, исто така може да помогне да се намали зависноста од дрога.

Кардиологот д-р Џејмс Лејпер, иако не бил дел од истражувањето, објаснува дека смеата му помага на срцето, бидејќи ослободува ендорфин, кој го намалува воспалението и помага на срцето и крвните садови да се опушта.

Исто така, го намалува нивото на хормоните на стресот, кои го оптоваруваат срцето. Смеата им помага на луѓето да се чувствуваат посреќни во целина, акога луѓето се посреќни, тие повнимателно се придржуваат до нивната препишана терапија.

Научниците велат дека е охрабрувачки да се види нешто толку едноставно и широко распространето, може да има корист за здравјето на човекот, но сметаат дека се потребни повеќе истражувања, за да се утврди дали самото смеење доведува до забележаните подобрувања и колку долго може да траат ефектите.

Поврзани вести

Back to top button