На Косово му се заканува општ хаос и анархија
На Косово му се заканува општ хаос и анархија по протестите по повод изборот на Хашим Тачи за претседател, пишува Фајненшл Тајмс во опширна анализа на темата.
Фајненшл Тајмс целиот балкански регион, од Грција до Босна и Херцеговина, го опишува како преполн со политички турболенции, економски катастрофи и општествени немири. Сепак, во весникот сметаат дека нестабилноста на Косово особено загрижува, и поради влијанието на мигрантската криза.
„Косово е како дете кое секогаш сте го држеле за рака да не падне. Сега проблемот е што сите сме загрижени поради можното насилство“, вели Ариана Косај-Мустафа, правна експертка образувана во Лондон и програмски директор на Косовскиот институт за политички истражувања и развој. А косовскиот министер за евроинтеграции, Беким Колаку, минатата недела предупреди дека околу 200.000 жители на Косово би можеле да се обидат да стигнат до земјите од ЕУ, ако Унијата годинава не овозможи безвизен режим за Косово.
Хаосот што владее на Косово, пишува Фајненшл Тајмс, е „цената што ЕУ и САД ја плаќаат поради површната политика на стабилност“ што ја водеа.
„Секако, Западот и натаму има време да се позанимава со овие прашања пред тоталната анархија да го преземе Косово. Но, како што вели Колаку: ЕУ секогаш доцни во врска со прашањата на западниот Балкан“, се вели во анализата.