МВР: Случајот од 29 јуни е расчистен, да не се поттикнува говор на омраза
Министерството за внатрешни работи соопшти дека случајот од 29 јуни е расчистен, а за тоа соодветно ја информирале и јавноста. Апелираат да не се поттикнува говор на омраза и да се даде простор на институциите да си ја завршат работата.
– Ги отфрламе сите злонамерни дезинформации на поединци и неодговорни политички партии кои ја злоупотребуваат смртта на момчето. Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје, кои на 29.06.2018 година околу 17,30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“ го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор, се вели во соопштението.
Од МВР наведуваат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање и на третообвинетиот.
– Целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното Јавно обвинителство и овој случај е во надлежност на ОЈО Скопје, чија надлежност е и преквалификацијата на делото. МВР работи по закон, пред кој сите се еднакви и никој не е, ниту ќе биде привилегиран. Ги штитиме граѓаните и стоиме на страната на правдата. Апелираме уште еднаш, политичките партии, медиумите и останатите општествени чинители да се однесуваат одговорно и да не поттикнуваат говор на омраза и да дадат простор на институциите да си ја завршат работата, стои во соопштението од МВР.