Македонија

Можен ли е “Балкански православен сојуз?

Основачот на бугарската политичка партија Атака, Павел Шопов, има идеја за создавање на бугарско-српски православен сојуз, кој, според неговото мислење, би бил пандан на Вишеградската група. Српскиот филозоф за религија, Мирослав Кевеџи, вели дека ваквиот сојуз е политичка фантастика и дека не постои никаква реална шанса да дојде до него.

“Таа идеја се појавува во таблоидни списанија и од интелектуалци кои имаат естраден карактер. Таа идеја ја засноваат на основи кои не се пресудни за создавање на такви видови на сојузи. Тие идеји се појавуваат од такви политички ликови кои се наоѓаат во крајната десница и нивната политичка тежина од избори до избори, во главно паѓа. Станува збор за Бугарската Атака, во сојуз со уште две партии”, рекол Кевеџи за Al Jazeera.

Тој смета дека во овој контекст се зборува за вид православен сојуз, но без премногу консултации со религиските организации. Додава и дека веќе долго не може да се излезе од славната Хантингтонова парадигма за судирот на цивилизации.

“Најновиот говор на Доналд Трамп во Полска повторно го отвори тоа прашање. Во таа парадигма постои западна цивилизација, која во главно опфаќа католичка и протестантска културна основа, и исламска, хиндуистичка и православна цивилизација. Кога Хантингтон зборува за православната цивилизација, тогаш на некој начин има во предвид дека тука на прво место е Русија. Прашање е сега – дали сме ние во замка кога го делиме светот на таков начин”, вели Кевеџи.

Вишеградската група се формирала во моментите на падот на Берлинскиот ѕид и распадот на СССР, па таа група како таква им помогнала на тие држави да влезат во ЕУ.

“Кога би се барала вистинска паралела, тогаш во некој балкански сојуз треба да бидат и Албанија, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, во смисла тие држави преку него да влезат во ЕУ. Православието само по себе нема доволно изграден политички состав, за разлика од Католичката црква. Прашање е дали можете вие да креирате сојузи на нешто што не е доволно профилирано и не одговара на потребите на населението, или на политиките кои се присутни во регионот”, продолжува Кевеџи.

Основачката на српскиот Хелсиншки одбор, Соња Бисерко, од претходно зборувала како основање на таков сојуз е поддржано од Русија, потпирајќи се на православието.

“Рускиот филозоф Александар Дугин, еден од најблиските соработници на Владимир Путин, е заговорник на православен сојуз. Тој смета дека “новиот геополитички поредок” на Балканот треба да се засонва на стимулирање на сите интеграциски процеси на осовината север-југ. Тоа значи, како што истакнува, дека треба максимално да се поддржи зајакнувањето на врската Белград-Атина-Софија. Целиот простор на Балканот претставува сложен конфигурациски проект на општословенски јужни федерации, кои го сочинуваат Србија, Бугарија, Македонија, Црна Гора и српска Босна. Во таа творевина Србите, истакнува Дугин, претставуваат евроазиски импулс, се појавуваат како носители на хартлендот. Во таков поредок на Македонија би и се доделил посебен статус, за да се отстрани каменот на несогласувања меѓу сите три балкански православни држави”, истакнува Бисерко.

Поврзани вести

Back to top button