Кој е Србинот кој регрутирал џихадисти во Германија?
Извесниот Бобан С. од Дортмунд долго време бил во фокусот на полицијата и тајните служби. На 10-ти август бил извршен претрес во станот на „германскиот Србин“ кој што имал пасоши од двете земји.
Тунижанецот по кој што полицијата трага во врска со терористичкиот напад во Берлин, според информациите на германските медиуми едно време престојвал кај српскиот државјанин Бобан С. – опасен исламистички агитатор од Дортмунд кој бил уапсен во ноември, пренесува „Дојче Веле“.
36-годишниот „германски Србин“ бил долго време во фокусот на германската полиција и тајните служби, за на 10-ти август полицијата да упадне во неговиот стан. Тој бил конечно уапсен на 8-ми ноември во рамките на една голема акција на германските тајни служби против главните помагачи на Исламската држава во Германија.
Бобан С. заедно со уште четворица други уапсени исламисти регрутирал млади муслимани и им помагал да стигнат до Сирија или Ирак каде што им се приклучувале на џихадистите на Исламската држава на бојното поле.
Токму Бобан бил централниот човек на мрежата, а тоа што неговите соседи им го раскажале на полицајците не делува воопшто наивно. Во станот од 50 квадрати кој што ѝ припаѓа на неговата девојка Надина Х., до првиот претрес во август редовно биле одржувани состаноци со истомислениците. Секогаш во четвртоците одвоено се состанувале или мажи со долги бради, или жени со бурки.
До пред од прилика четири години, како што велат соседите, овој пар бил сосема нормален и повремено организирале куќни забави. Потоа наеднаш сето тоа престанало, а соседите останале изненадени кога ја забележале Надина еден ден, целосно прекриена со никаб, а Бобан на сите им кажал дека сака да го викаат Абдулрахман.
Со тоа име „настапувал“ како проповедник во една просторија за молитви во Дортмунд. За тоа локалните дортмундски медиуми пренесуваат дека „во Дортмунд, град кој не е познат како упориште на поддржувачите на Исламската држава, стратегијата на радикалните салафисти со години била да се одржуваат состаноци во приватни простории“.
Сојузното државно обвинителство тврди дека Бобан меѓу другото, имал задача „истомислениците и оние кои што биле подготвени да заминат на фронтот да ги подучува арапски јазик и разни радикално исламски содржини. Тоа имало за цел да создаде идеолошка и јазична основа за идното делување при Исламската држава, посебно за учеството во борбените активности“.
Покраинската служба за заштита на уставниот поредок го означила Бобан како човек кој ги радикализира луѓето. Шефот на покраинската Служба во Северна Рајна-Вестфалија, Бурхард Фрајер за апсењето на Бобан вели дека е „силен удар кој е многу важен“.
Бобан алијас Абдурахман не бил уапсен во август иако и тогаш постоеле конкретни сомненија. Се претпоставува дека германските служби чекале да добијат цврсти докази против целата мрежа која што е означена како „група на салафисти кои што ги влечат конците“ за поддршка на џихадистите. Истрагата започнала минатата есен.
Прв човек на мрежата наводно е Ирачанецот Ахмад Абдулазиз Абдула познато како Абу Вал. Тој делувал во близина на градот Хилдесхајм во Долна Саксонија. Покрај Абдулазиз и Бобан, уапсени биле и Турчинот Хасан Ц. од Дуизбург, Ахмед Ф.Ј. од Камерун и Махмуд О. кој што имал германски пасош.
Ахмад Абдулазиз Абдула во својата работа бил прилично успешен. Според податоците од истрагата, само од Хилдесхајм, град со едвај 100 илјади жители, 26 лица заминале на фронтот во Сирија и Ирак. Тој има свој канал на ЈуТјуб, а видеата во просек му ги гледаат по 40 илјади луѓе, а направил и посебна апликација за паметни телефони преку која секој можел да го следи и да контактира со него.
„Ахмад Абдулазиз Абдула отворено се изјаснува како поддржувач на Исламската држава и во минатото настапувал како проповедник на голем број состаноци на салафистите“, соопштија од државното обвинителство во Карлсруе.
На видео снимките камерата снима преку неговото рамо, така што лицето не се гледа. Поради тоа познат е и како „проповедникот без лице“. Неговите видео пораки често започнуваат со религиозно учење, а потоа зазема место на работната маса. Целата глава му е замотана со црна марама, на раката носи сребрен часовник и пред себе го има Куранот.
За германските служби тој е меѓу најефикасните поддржувачи на Исламската држава кои што регрутираат млади џихадисти. Го очекуваат огромни обвиненија, убедливи и цврсти докази и долг период минат во затвор, заедно со Бобан и останатите групи од џихадистичката мрежа.