Избор на уредникотМистерии

Кинески научници тврдат дека можеби стапиле во контакт со вонземјани

Тим кинески научници кои ги анализирале далечните егзопланети во потрага по знаци на живот, велат дека пронашле „сомнителни сигнали“ кои можат да укажат на вонземска цивилизација, се вели во извештајот на Science and Technology Daily, официјалното списание на кинеското Министерство за наука и технологија.

Но, изјавиле дека тоа е само можност и дека треба детално да ги испитаат наодите.

„Постои голема можност дека ова е некој вид радиошум (пречки). Треба да го испитаме ова, односно да го потврдиме или исклучиме, што може да потрае“, изјавил Џанг Тонџи, главен научник на China ET Civilization Research..

Научниците откриле невообичаени теснопојасни сигнали додека ги обработуваа податоците од 2019 година собрани од огромниот радио телескоп FAST (сферичен радио телескоп со отвор од петстотини метри) лоциран во југозападна Кина.

Иако ова е многу смела изјава на официјалната агенција, светските експерти побрзаа да истакнат дека можеби има поедноставни објаснувања за овие сигнали. Дополнително, ваквите комуникации треба да се земат со резерва бидејќи за овие наоди не се објавени рецензирани научни истражувања.

„Ова е интересно, но немојте премногу да се надевате“, напишал на Твитер новинарот за футуризам, Ендрју Џонс, кој го следи истражувањето на кинеската вселенска програма, пренесува Futurism.

Кинескиот портал Yicai наведува дека при обработката на податоците во 2020 година, научниците откриле две групи сигнали снимени од FAST во 2019 година, а оваа година пронашле уште еден сомнителен сигнал додека ги набљудувале егзопланетите.

Пенг Бо, директор на одделот за FAST во Кинеската академија на науките, рече дека сигналите пронајдени од FAST веројатно потекнуваат од вонземска цивилизација, но „дека сè уште немаат доволно време да ги истражат детално“.

Телескопот FAST е посоодветен за потрага по вонземски цивилизации отколку неодамна уништениот Аресибо во Порторико, кој исто така го скенира ноќното небо за знаци на интелигентен живот во вселената. Имено, тој е поголем и двојно почувствителен и може да регистрира сигнали од многу поопширен дел на небото.

„Ќе ги преориентираме FAST кон овие сигнали за дополнително да ги идентификуваме и да видиме дали се повториле. Со нетрпение ја очекуваме можноста овој телескоп за прв пат да го потврди постоењето на вонземска цивилизација“, рече Тонџи.

Поврзани вести

Back to top button