Свет

Италијански обвинител тврди дека мафијата шверцува деца од Косово,

Италијанскиот обвинител за малолетници во Трст Леонардо Тамборини крена тревога неделава поради трговијата на деца од Косово и нивното злоупотребување.Тој укажа дека е крајно време тој проблем да се сфати сериозно, „додека не биде доцна“, пренесува порталот Косово онлајн.

Тамборини и претходно предупредувал за овој проблем, на почетокот на оваа година за трговијата на деца од Косово го информирал и официјален Рим, но до денес нема реакција од италијанските власти. Италијанските медиуми пишуваа за тоа во февруари, а пред неколку дена приказната повторно е актуелизирана.

Според податоците на италијанската влада, во текот на 2018 година од Косово влегле вкупно 481 малолетно лице без родителска придружба, а во текот на 2019 411. Овој феномен е особено изразен во регионот на Трст, каде полицијата потврдла дека најмалку еден случај на влез се регистрира секој ден.

Сведоци тврдат дека патот тргнува од Приштина, преку Белград, Шид, а потоа по тајни премини преку ридовите сè до Италија. Шверцерите наводно се менуваат на секоја граница, имаат одлични меѓусебни врски и забранет е разговорот меѓу малолетниците.

Пред да бидат испратени во заедници, најчесто католички домови, малолетниците, според собраните информации, се регистрираа во словенечки студентски дом.

Обвинителот на судот за малолетници во Трст Тамборини тврди дека тоа е мафијашки бизнис.

„Зборуваме за бизнис на мафијата вреден најмалку 100.000 евра месечно. Сите нивни патувања се организирани и единствениот кој се бавел со нив е приштински обвинител кој поднел барање за доставување информации за тоа што се случува со малолетниците во Италија“, кажа тој.

Рамнодушноста, за жал, е обострана, и од страна на приштинските власти, но и на локалната заедница во Трст која ги прифаќа дојденците сè додека не ги вознемируваат граѓаните на Италија. Меѓутоа, овие малолетнички групи стануваат сè подевијантни и опасни за градот, смета обвинителот.

Кога ќе станат полнолетни, стануваат дел од организираниот криминал, шверцот на дрога и оружје, а главните рути им се Трст-Венеција-Милано. Имајќи предвид дека сè повеќе претставуваат опасност за италијанското општество во кое не се вклучуваат, обвинителството на Трст прогласило највисок степен на национално предупредување овој синџир итно да се прекине.

Иако обвинителството покажало разбирање за непостапувањето по ова прашање поради епидемиолошката ситуација, Тамборини деновиве повторно прогласил тревога за проблемот да биде сфатен крајно сериозно.

Во февруари 2020 година новинар на италијанскиот весник Л’Еспресо престојувал на Косово наведувајќи дека е развиена „мафијашка мрежа специјализирана за малолетници без родителска придружба, а дека многу родители се спремни своите деца да ги испратат во Трст“.

Новинарот зел изјави од многу родители кои децата ги испратиле со „трговци“ во Италија наведувајќи дека ги испраќале пред полнолетството, а плаќале меѓу 3.500 и 4.500 евра по дете, за, по околу една недела, да им се јават од Трст.

Како што се наведува, секое семејство почнува да ги собира овие пари кога детето ќе наполни 13-14 години, за да бидат сигурни дека пред 18-от роденден ќе може да замине во странство.

Поврзани вести

Back to top button