Исланд во очекување на вулканска ерупција, градот Гриндавик тоне (ВИДЕО)
Жителите на југозападниот дел на Исланд со напнатост очекуваат можна вулканска ерупција. Дури и ако нема ерупција на магма, веројатно ќе поминат месеци пред евакуираните од опасната зона да се вратат дома.
Рибарскиот град Гриндавик (3.400 жители) беше евакуиран пред една недела затоа што огромно количество магма татнеше под земја, предизвикувајќи илјадници земјотреси. Сеизмичката активност веќе го оштети градот, оставајќи зад себе голема пукнатина што минува низ Гриндавик.
Исландската метеоролошка служба наведува дека ерупцијата најверојатно ќе се случи некаде покрај тунелот со магма долг 15 километри, а „главна локација“ е областа северно од Гриндавик, во близина на планината Хагафел.
Имено, под полуостровот Рејкјанес е формиран долг тунел од магма, кој се протега под Гриндавик, а потоа југозападно до морето. Експертите проценуваат дека магмата е околу 800 метри под површината, пишува „Гардијан“.
Западниот дел на Гриндавик од минатиот петок потонал за повеќе од еден метар и продолжува да тоне со брзина од околу 4 сантиметри дневно. Доколку дојде до ерупција, може да дојде до значителна штета на локалната инфраструктура и ослободување на отровни испарувања. Блискиот геотермално одморалиште „Сина лагуна“, една од најдобрите туристички атракции на Исланд, е затворено барем до крајот на ноември поради закана од ерупција.
Исланѓаните се навикнати на вулканска активност бидејќи живеат над Средноатлантскиот гребен. Евроазиската и северноамериканската плоча се оддалечуваат една од друга, по неколку сантиметри секоја година. Но, таква ситуација, односно евакуација на целиот град, немало во последните 50 години.
Жителите можеби ќе треба да чекаат со недели пред да биде безбедно да се вратат. Надлежните им дозволиле пет минути да се вратат дома, да земат скапоцености и домашни миленици.
„Не очекуваме експлозивна ерупција, иако тоа не е нужно добра работа. Ерупција со низок интензитет може да значи излевање на лава од низа пукнатини со недели и недели. Исланд се бори со пристигнувањето на лавата на различни начини, но природата секогаш победува ако ерупцијата трае доволно долго“, рече Метју Робертс од ММО.
„Очекуваме вулкански ерупции долж целиот полуостров, а не само на едно место. Оваа нестабилност може да трае со децении“, додаде тој. Утрово полуостровот Рејкјанес го погоди земјотрес со јачина од 3,7 степени. Од полноќ, северно од Гриндавик се регистрирани 370 помали земјотреси.