Габриел: Распад на ЕУ не е веќе незамислив

Објавено: понеделник, 9 јануари 2017 во 13:51
Spread the love

Германското инсистирање на штедење во еврозоната ја подели Европа повеќе од кога било досега, што дури веќе не е исклучени ни распад на Европската унија, изјави германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел за весникот „Шпигел“.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Габриел, кој е лидер на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и германски министер за економија и енергија, смета дека обидите на Франција и Италија да се намали фискалниот дефицит носат политички ризик во јавноста да ја намали поддршката за ЕУ.

– Еднаш ја прашав канцеларката Ангела Меркел што би било поскапо за Германија, Франција да има половина процент поголем дефицит или лидерката на француската екстремна десницаМарин Ле Пен да стане претседател. До ден денешен таа ми должи одговор, изјави Габриел, кој смета дека Германија кога инсистира на финансиска дисциплина мора да води сметка и за политичките ризици во земјите партнери.

Според него, Владата во Берлин е отворена за дебата за флексибилност кај членките во ЕУ во обидот да ги исполнат целите од заедничката фискална политика се додека тие спроведуваат реформи.

Габриел, кој е долгогодишен претседател на СПД, речиси извесно ќе биде ривал на Ангела Меркел во битката за нов канцелар на Германија на сојузните избори во септември.