Свет

Французите ќе ги лечат своите граѓани од исламизам како од наркоманија

Француските власти најавија отворање на рехабилитациски центри ширум државата кои би требало да помогнат во борбата против радикалниот ислам.

Премиерот на Франција, Мануел Валс најави дека ширум француската држава до крајот на идната 2017-та година ќе бидат отворени центри за рехабилитација од исламски радикализам каде што ќе бидат сместени луѓе кои што со своите активности „гравитираат“ кон идеите на џихадистите.

Новиот план за борба против тероризмот за кој француската влада издвои над 40 милиони евра е дел од напорите за помош на младите муслимани кои што се активни на интернет страниците на џихадистите и на социјалните мрежи, поради што е проценето дека постои опасност самите да се придружат во редовите на таквите радикални терористички групи.

„Борбата против џихадистите без сомнеж е најголемиот предизвик на нашата генерација“, изјави францускиот премиер Мануел Валс и додаде дека првиот рехабилитациски центар за радикален ислам во Франција ќе биде отворен веќе ова лето.

Во новоотворените рехабилитациски центри ќе бидат испратени младите муслимани кои што не се во притвор, но сепак на одреден начин со своето радикално размислување претставуваат опасност за француското општество.

Француските медиуми неодамна ја шокираа тамошната јавност пренесувајќи дека во Франција има речиси 10 илјади млади муслимани кои што се регистрирани од тамошните власти за борба против тероризмот поради насилна радикализација.

Франција минатата година два пати беше погодена од големи терористички напади за кои одговорноста ја превзедоа џихадистите на Исламската држава. Двата напади беа извршени во француската престолнина Париз каде што џихадистите убија вкупно 150 лица, а стотици беа повредени. Од тогаш Франција ги зголеми своите напори во борбата против тероризмот и општо, радикалниот ислам.

Поврзани вести

Back to top button