Свет

Форин полиси: Српската војска би можела да влезе на северно Косово

Светскиот печат во последно време е полн со процени дека новата американска администрација ќе има големо влијание врз случувањата на Косово, дека Путин може да го жртвува Косово за Крим и дека Србија според повеќето сценарија ќе го извлече подебелиот крај.

Русија ги демантираше тврдењата дека ќе го признае Косово во замена за признавање на Крим, но со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД, коцкањето со судбината на Косово и Србија не престанува да ги интригира западните аналитичари на ситуацијата на Балканот.

Угледниот американски магазин Форин полиси објави неколку анализи на таа тема, а последната беше дека токму југот на Србија ќе биде првата жртва на новата американска администрација.

Меѓутоа, професорот Ајден Хехир, повремен колумнист и експерт за меѓународни односи на универзитетот Вестминстер, има нова теза. Тој смета дека е сосема можно да дојде до нова „мартовска криза“ на Косово и дека тоа би бил „одличен начин Русија да го тестира Трамп“.

„Доналд Трамп често повторува дека сака да избегне конфликт со Русија што ќе има длабоки импликации за идната стабилност за одреден број држави, а главната меѓу нив ќе биде Косово. Тензиите меѓу Косово и Србија нагло пораснаа во последно време, а реториката од Белград станува се пожестока. Тоа неодамна кулминираше со обидот на Србија да испрати воз на кој на 21 јазик беше испишан слоганот „Косово е Србија“. Возот беше сопрен на границата откако Приштина распореди специјалци. Претседателот на Србија Томислав Николиќ изјави дека се дошло до „работ на конфликт“ и предупреди дека, доколку е неопходно, ќе испрати војска на Косово“, пишува во својата анализа британскиот експерт.

Србите и Албанците остануваа суштински поделени на Косово. Србија одбива да ја признае независноста, со поддршка од велесилите Русија и Кина, пишува Хехир.

„Голем број Албанци долго веруваат дека Србија само бара изговор да испрати војници на северот на Косово каде живее мнозинско српско население. Повеќето Албанци веруваат и дека во тоа ги спречува само големиот број НАТО трупи стационирани на Косово“, тврди тој во анализата.

Изборот на Трамп за претседател, меѓутоа, ја доведува во сомнеж спремноста на Америка да го брани Косово.

„Неговите коментари за излишноста на НАТО и соработката со Русија за нијанса превагнуваат во корист на Србија. Српските неодамнешни потези по изборот на Доналд Трамп тешко дека се случајност. Знаејќи дека Русија има поголема слобода сега кога Трамп е на власт, Србија може да смета дека Русија ќе ги поддржи ако почнат операција за заштита на Србите на северот на Косово и на тој начин да го измамат НАТО“, се вели во анализата на Форин полиси.

„Не е тешко да се замисли дека Трамповата администрација би можела да го напушти Косово. Проектот за изградба на државата дури би можел да биде опишан како неуспех на Клинтонови кои никогаш со тоа не ни требало да се занимаваат, а малку е веројатно дека претежно муслиманските Албанци ќе ги добијат симпатиите од поддржувачите на Трамп“, истакнува Хехир.

Сепак, според него, доколку српските сили влезат на Косово без значителна осуда од САД, тоа би предизвикало раздор во НАТО и сигурно би довело до масовни протести меѓу Албанците кои „природно би чувствувале дека се нападнати од страна на Србија и напуштени од меѓународната заедница“.

„Ова би можело да доведе до повторување на насилствата од март 2004 кога беснееја немири низ Косово, а српските села и манастири беа напаѓани. Тоа би ја охрабрило Србија да го зголеми обемот на својата „заштита“ на цело Косово што може да доведе до апсолутна војна“, пишува британскиот професор.

Нестабилноста на Косово би можела да има сериозни последици по целиот регион, особено врз Македонија и БиХ.

„Мирот и стабилноста на Балканот остануваат деликатно избалансирани и не е воопшто јасно дали Трамп има капацитет – или барем волја – да преговара за сложеноста на различните внатрешни и надворешни државни ситуации“, заклучува Хехир.

Поврзани вести

Back to top button