Свет

Ердоган најави инвазија на Сирија: Проблемот ќе го решиме сами!

Турскиот претседател повторно најави влегување на турските војници во Сирија и порача дека доколку не престане гранатирањето на градот Килис, самите ќе го решат проблемот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција сама ќе делува на територијата на Сирија доколку не добие меѓународна помош.

Да потсетиме, турските власти веќе подолго време тврдат дека џихадистите на Исламската држава со артилерија го напаѓаат турскиот град Килис кој се наоѓа во близина на границата помеѓу Турција и Сирија. Поради тоа, Ердоган вели дека турската армија мора да влезе на територијата на Сирија за да го реши проблемот.

„Ќе го решиме проблемот со Исламската држава. Сами ќе го решиме тоа прашање доколку не добиеме помош во врска со ракетите кои секојдневно го погодуваат Килис“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на собир во Истанбул.

Овој потег Ердоган го најавува веќе подолго време, а најавите за турска воена инвазија зачестија во последните неколку дена. Сепак, досега не беше донесена одлука за испраќање на турската армија во Сирија.

Поради тоа, западните аналитичари сметаат дека турскиот претседател со ваквата остра реторика сака да добие поддршка од западните земји за изведувањето на копнената операција на турските воени сили, но засега од Европската Унија и од САД тој не ја добива посакуваната поддршка.

Интересно е тоа што истовремено, слични најави за воена инвазија на Сирија пристигнаа и од Саудиска Арабија. Имено, во текот на вчерашниот ден, саудискиот министер за одбрана Адел Ал-Џубеир изјави дека сирискиот претседател Башар Ал Асад мора да си замине, па макар и со употреба на сила.

„Јасно дадовме до знаење дека Башар Ал Асад може да избере само помеѓу две опции: Или да биде отстранет низ политички процес, или да биде отстранет од власт со употреба на сила. Сметаме дека веќе одамна требаше да тргнеме со имплементација на Планот Б“, изјави шефот на дипломатијата на Саудиска Арабија.

Поврзани вести

Back to top button