Денешните деца рано започнуваат да пуштаат „боцки“
Људмила Федоровна Ермакова, православен психолог
Доколку во минатото манифестираната детска суровост беше сметана за ретка појава, во последно време, тоа за жал преминува во нова статистичка „норма“. Кон тоа придонесуваат определени фактори на современиот живот. Прерано се одделува детето од мајката и се предава во системот на општествено воспитување: јаслите, детската градинка – или дадилките помеѓу кои има многу добросовесни луѓе, но на детето му се потребни, пред сè, мајчинска топлина, љубов и заштита.
Децата на современото доба рано се лишуваат од покровот на мајчинската заштита и започнуваат да пуштаат “боцки” коишто не само што го заштитуваат, туку и му помагаат „да го добие своето“. Никој не го учи на компромис. За него, агресивното однесување носи резултат. Способноста да се оди на компромис, флексибилност, отстапливост, исто така, може да се научи првенствено од мајката. Сепак, денешните мајки, опседнати од митологемата „родова еднаквост“ помеѓу мажот и жената, многу добро забораваат на функционалните различности.
Ние во својот развој одамна се движиме во обратен правец и веќе се приближуваме до „црвената линија“ – не во биолошка, туку во социјална смисла, – во којашто мажите, жените, возрасните, децата се заедно, но се едвај поврзани едни со други и практично не комуницираат помеѓу себе. Децата живеат во доминантно агресивна средина. Повеќе од 80% од семејствата се разведуваат – тоа е проследено со најтешки облици на конфликти и скандали.
Радиото, телевизијата, интернетот, списанијата, жолтиот печат се исполнети со криминални приказни. Родителите недоволно се обидуваат да ги заштитат децата од сето тоа. Родителите се невнимателни во однос на првите манифестации на агресивност кај малите деца, и со тоа, всушност ја поддржуваат. Кај религиозните луѓе сè почесто се појавува прашањето: „Може ли првородениот грев да стане причина за појава на детска суровост?“ Архимандритот Рафаил (Карелин) во својот прилог „Казна над неродените“ пишува: „Докажано е дека децата не ги наследуваат само физичките својства, но и определени духовни квалитети од своите родители.
Емоционалниот живот на родителите се одразува врз наследството и преминува, во вид на предодреденост кај нивните деца. Родителите коишто донеле решение за убиство на своето дете, веќе внеле во својот генетски фонд предодреденост за убиство којшто ќе ја обременува психата на идните деца, а понекогаш душевното својство не се пренесува директно, туку со прескокнување на поколенијата. Поради таа причина родителите, одлучувајќи се на убиство на своето дете, извршиле криминал не само пред нив самите, но и пред децата коишто ги оставиле во живот.
Родителите, предавајќи им го својот потенцијал на суровост и потсвесен стремеж за убиство, често самите стануваат жртви на суровост од сопствените деца и притоа се чудат: а од каде е пак сето ова, од каде, според нивното мислење, оваа неправедност?“ Со самото тоа што чедоморството кај нас не се намалува, расте детската суровост. Како родителите и учителите да се фатат во костец со детската суровост? Првенствено, на жената да ѝ се врати нејзиното законско место како љубена жена, грижлива мајка, чуварка на семејниот праг. Најдобрата кариера на жената – тоа се здравите деца, силното семејство. Но, тоа е тешко, далеку полесно и поинтересно е, како што обично се вели, да се посвети себеси на работа и „самореализација“.
Сепак, нешто умее да каже и народната мудрост: „не може да се седи на две столици“ – такашто секогаш има избор. И колку почесто жената ги одбира децата, толку поретко нашите деца ќе бидат сурови. Превел од руски м-р Пантерлеј Кондратјурк Со благослов на о. Горан Тасески
Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: https://pravoslavie.mk/deneshnite-detsa-rano-zapochnuvaat-da-pushtaat-botski/ .