Свет

Бегалците во Германија масовно преминуваат во христијанство

Голем број муслимански бегалци се надеваат дека ќе може да останат во Германија доколку набрзина станат христијани, пренесува Дојче веле.

Откако Германија прими голем број бегалци, драстично се зголемил бројот на преминување од ислам во христијанство. Евангелистичката и католичката црква, како и некои други христијански заедници во 2016 регистрирале над илјада такви случаи – а толку ги немало во последните 50 години, вели социологот на религијата Томас Ширмахер.

Во моментов разни секти и други групи го користат стравот на бегалците од протерување и ги привлекуваат со експресно покрстување, најчесто со аранжмани во рамки на кои на заинтересираните им се плаќаат и трошоците за патување и ручек. До првиот контакт со бегалците доаѓа најчесто во прифатилиштата каде мисионерите често се истакнуваат со своите социјални ангажмани.

„Ни помогнаа, ни дадоа пенкала, хартија, чевли, чоколади и слични нешта. Беа многу, многу љубезни и ни ја покажаа црквата во Франкфурт“, вели Амина Хусеини. Таа зборува за тајвански христијани кои нивните духовни лидери од Тајван ги испратиле во Германија за таму да врбуваат нови следбеници.

Но, во овој случај станува збор за секти. Оној кој во Германија ќе се реши да премине на христијанство и ќе се реши за католичката или евангелистичката црква, мора да посетува повеќемесечен курс по Библијата. Исто така се очекува да води сериозни разговори со свештениците и темелно да се подготви за крстење. Ако свештеникот не е уверен дека сѐ е подготвено како што треба, процедурата може да се откаже.

Промената на верата е причина поради која на некој барател на азил може да му се даде заштита во Германија, но крстењата во оваа земја подлежат на посебна проверка бидејќи станува збор за „дополнителна причина за барање заштита“. „Кај луѓето кои не ја менуваат верата од совесни причини, Сојузната канцеларија за емиграција и бегалци може прилично брзо да утврди колку се навистина лични мотивите, односно колку е навистина длабока нивната вера“, вели Клаус Улрих Прес од Советот за бегалци во Келн.

Поврзани вести

Back to top button