Аризона го укина абортусот
Американската сојузна држава Аризона воведе строга забрана за абортус, со што се приклучи на голем број американски држави со кои управуваат републиканците, а кои ја спроведуваат одлуката на Врховниот суд на САД, пренесува Н1.
Судот во округот Пима пресуди дека мора да се спроведе построга забрана за абортус, воведена во 1864 година и проширена со закон од 1901 година. Според оваа одлука, здравствените работници кои ќе ја прекршат забраната ќе се соочат со казна затвор до пет години.
Белата куќа која се противи на забраната за абортус вели дека жените кои преживеале силување или се жртви на инцест нема да можат да абортираат, а жените со здравствени проблеми ќе се соочат со ризици по здравјето.
Пресудата од Аризона предизвика бес кај противниците на одлуката за забрана на абортусот, што го прави прашањето уште подоминантно во националната дебата пред конгресните избори во ноември.
Судијата Кели Џонсон пресуди во случај поднесен во Аризона во кој се бара појаснување откако Врховниот суд на САД го укина уставното право на абортус во јуни, но им остави на државите да постават нови параметри.
Забраната во Аризона од 1864 година која дозволува абортуси само кога животот на жената е во опасност беше блокирана со забрана од 1973 година, кога Врховниот суд на САД за првпат утврди дека постои уставно право на абортус. Но сега, Џонсон пресуди поинаку и ја врати старата забрана.
Пресудата во округот Пима дојде еден ден пред да стапи на сила забраната за абортуси по 15-тата недела од бременоста, која претходно беше донесена од законодавниот дом на Аризона.