АНА се закани со војна меѓу Албанците и Црногорците
Договорот за одредување на границата меѓу Косово и Црна Гора ги вжешти страстите.
Aланската национална армија АНА се закани дека ќе експлодира војна меѓу Албанците и Црногорците, ако биде ратификуван договорот за воспоставување на границата меѓу Црна Гора и Косово.
Договорот треба да биде ратификуван на 1 септември. Црногорскиот претседател, Филип Вујановиќ смета дека се ќе заврши така како што е предвидено во август минатата година во Виена, кога двете страни го потпишаа договорот.
„Во Косово никој нема право да изразува какво и да е незадоволство кон Црна Гора, бидејќи таа не го заслужува тоа. Во такви ситуации покажавме дека имаме држава, која се грижи за својата безбедност”- рече Вујановиќ.
Иако официјална Приштина изјави дека во четвртокот, парламентот ќе го ратификува договорот, во моментов тоа не е сигурно, бидејќи за ратификацијата на договорот за границата со Црна Гора е потребно двотретинско мнозинство.
Косовските медиуми јавуваат дека владејачката коалиција на Хашим Тачи и Иса Мустафа тешко ќе успее да обезбеди такво мнозинство и да го ратификува договорот.
Опозицијата, пак, сака црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ да „врати” 8 000 хектари плодна земја.