Албанка од Драч мажена за Србин од Македонија – Ние го гледаме човекот дали е фамилјарен, а не колку е убав или колку коса има на глава
Саша се ожени со Албанка независно од многуте предрасуди. Вели дека нема лоши Албанци, Македонци или Срби, туку има добри или лоши
Во потрага по подобар живот, во 2012 година, Елида Хоџа од албанскиот град Драч дојде во Македонија и се омажи за Саша Алексиќ, по потекло Србин. Таа сега живее во домот на нејзиниот сопруг кој е 17 години постар од неа, во селото Старо Нагоричани, во руралната општина со истото име, во близина на границата со Србија.
– Роднина на татко ми дојде кај нас и ме праша дали имаш желба да се омажиш, да имаш семејсто. Му реков да. Ми одговори дека имал еден пријател од Македонија со име Саша доколку сакаш да го запознаеш ќе го донесеме тука да се запознаете. Реков нема проблем нека дојде. Саша дојде во Албанија, се видовме еден со друг. Што да видам фамилијарен човек, домаќин. И ние го гледаме човекот дали е фамилјарен, а не колку е убав или колку коса има на глава. Туку битно е да е човек. Се видовме, си се допаднавме и направивме веридба – раскажува Елида за весникот „Лајм“.
Таа додава дека семејството на Саша е многу добро. Елида се грижи за домот, за добитокот, за родителите на Саша и вели дека е среќна покрај нејзиниот сопруг со кого има три деца. Данило, Сергеј и Анастасија не знаат многу зборови на албански, иако и двајцата родители, Елида и Саша, инсистираат да го учат и мајчиниот јазик.
Саша се оженил со Албанка независно од многуте предрасуди. Вели дека за него нема лоши Албанци, Македонци или Срби, туку има добри или лоши луѓе.
– Не ми е важно што мислат соседите, роднините, пријателите, јас живеам со сите добро – вели Саша.
Освен за добитокот и домашните обврски, Елида се грижи и за родителите на Саша. Тие, пак, велат дека се презадоволни од нивната невеста.
Елида раскажува како се грижи за родителите на нејзиниот сопруг и додава дека тоа и е обврска оти е невеста во оваа куќа.
– „Многу е убава и не почитува“, велат родителите на Саша.
На стројникот кој му нашол невеста од Албанија, сопругот на Елида му платил 500 евра. Но Елида не е единствената невеста Албанка во оваа македонска општина со српско население. Во Старо Нагоричани има и други девојки од Албанија кои се мажени. Додека пак сестрата на Елида е мажена во Куманово за Македонец.
Во нејзината изјава за весникот „Лајм“, Елида раскажува како се среќава со другите невести од Албанија, но и како ги прославуваат прзаниците.
– Кога е Бајрам, Саша ми вели Елида кај ти се корите за баклава… оди купува се – кори, батаци и ми носи и ми вели почитувај го Бајрам затоа што е твој празник – раскажува Елида.
Според неофицијалните податоци, во општината Старо Нагоричани веќе се омажени најмалку 25 жени од Албанија.