Германско село повикува млади парови со деца да се доселат еве кои се условите!
Поради сè постарото население, многу помали места во Германија, меѓу кои и селото Отенштајн на северот од Германија, дошле во ситуација да ги затворат училиштата бидејќи немаат доволно ученици.
Поради тоа, челниците на ова германско село повикуваат млади брачни парови со деца да се доселат во ова место каде што ќе имаат пријатен и мирен живот. Како што пишува Financial Times, германските власти во последните децении интензивно работат на привлекување млади семејства од други земји за да го решат сè поизразениот проблем со стареењето.
Според последните податоци на Обединетите нации, бројот на жители во земјата до 2050 година ќе биде намален на 74.5 милиони.
Процентот на Германци до 15 години би можел да падне на 13 отсто, што би било меѓу најмалиот број на млади во една земја во светот. Бројот на луѓе во Германија на возраст на 60 години, според проценките, би можел да порасне од 27 на 39 отсто.
„Демографските промени се еден од најголемите предизвици на Германија“, изјавил порано оваа година Волфганг Шојбле, министерот за финансии.
Германските власти сметаат дека прифаќањето на млади брачни парови со деца би можело барем делумно да го реши проблемот со сè постарото население.
И на веб страницата на Германската амбасада во Сараево стои дека Градската управа на селото Отенштајн навистина им подарува општински парцели на млади семејства со деца. Меѓутоа, овие семејства мораат во период од три години да градат на парцелата и сами да ги покријат трошоците за приклучоци кои не се безначајни (приклучок за вода, канализација, струја, гас, телефон, пристапен пат итн.)
Впрочем, изградбата на куќа во Германија како и трошоците за живот генерално не се евтини. Во Отенштајн и околината има многу слободни работни места (на пример во областа на медицинска нега, гастрономија и занаетчиство).
Но, тука исто така важи правилото дека работна дозвола може да се издаде само во случај ако стекнатата диплома во завршената стручна подготовка се признае во Германија. Шанси за работно место по правило има само онаа личност која има добро познавање на германскиот јазик.