Живот

Во телото на ова бебе се води битка за човештвото

Лејла Ричардс, бебето кое се лекува во Лондон од акутна лимфобластна леукемија, за малку ќе умреше од рак, а надежта за нејзин спас ја пружи општата клеточна терапија, која никогаш досега не била тестирана на луѓе.

Њујорк тајмс објави дека нејзиното закрепнување е важно, зашто укажува на тоа дека клеточните терапии, кои се нов начин за борба против ракот, можеби не мора да се прилагодуваат на секој пациент посебно, со што се штедат време и пари.

Овој случај е еден од првите во кој се применува новата техника на „уредување геноми”. Терапијата ја разви француската биотехнолошка компанија Селектис. Американскиот весник сепак наведува дека е тешко да се донесуваат заклучоци врз основа на еден пациент.

– Кај девојчето ракот е во ремисија само неколку месеци, што е премалку време да се каже дека е излекувано – вели Васим Касим, еден од лекарите кои ја лекуваат Лејла во болницата Грејт ормонд стрит во Лондон.

Лекарите кои се грижат за пациентите болни од рак се многу возбудени поради примената на новиот пристап кој вклучува генетско менување на Т-клетките, кои се војници на имунолошкиот систем, за да можат подобро да ги напаѓаат клетките на ракот.

Некои од пациентите со одредени типови рак на крвта покажале зачудувачко ниво на закрепнување. Меѓу нив е и девојчето кое добило лек развиен на Универзитетот во Пенсилванија, на кој лиценца сега има Новартис.

Во случајот на Лејла Ричардс во Лондон лекарите се обиделе со хемотерапија, пресадување на коскена срж и со новиот тип биотехнолошки лек, но ништо не помогнало. Лејла немала доволно Т-клетки за лекарите да ги извлечат и да ги приспособат на нејзината терапија.

Родителите добиле совет девојчето да биде на палијативна нега до смртта, но одбиле.

Можеби е чиста среќа што болницата веќе ги изработувала клетките на Селектис во рамки на подготовката за клинички тестирања.

– Ни беа во фрижидер – објаснува д-р Касим, кој е професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон и соработник на Селектис.

Со дозвола на компанијата Лејла е првата која го примила третманот, околу првиот роденден, во јуни, по што започнала ремисија и во нејзината крв и во коскената срж оттогаш нема траги од леукемија.

Подоцна ѝ била направена и втора трансплантација на коскена срж за да ѝ помогне во закрепнувањето на имунолошкиот систем и девојчето сега е дома.

Поврзани вести

Види и...
Close
Back to top button