Учениците од ОУ „Манчу Матак“ од Кривогаштани победници на детскиот квиз организаиран од ЕВН
Детскиот квиз натпревар во знаење од областа на енергетската ефикасност што беше одржан во Струга е последната содржина од Училишниот проект на ЕВН Македонија за учебната 2015/2016 година.
Победници на натпреварот се учениците Марија Станческа, Анастасија Златкоска, Кирил Крстески, Александар Витанов и Стефан Везенкоски од ОУ „Манчу Матак“ од Кривогаштани.
Второто место го освои ОУ „Коле Неделковски“ од Скопје, а на третото место се пласираа учениците ОУ „Христо Узунов“ од Охрид. Натпреварувачката недела почна со летната школа, на која тим составен од младинци од повеќе средни училишта во земјава, креираа и рачно ги изработија игрите за квизот.
На квизот пак, се натпреваруваа шеесет деца со стекнатото знаење во рамки на енергетските клубови кои ЕВН Македонија оваа година ги оформи во дванаесет различни училишта низ Републиката.
Подигнување на свеста за енергетска ефикасност преку континуирана настава за разумно и безбедно користење на електричната енергија, е целта на Училишниот проект кој веќе 9 години го организира ЕВН Македонија. Преку активностите на училишниот проект се креираат нови генерации на разумни корисници на електрична енергија, кај кои свеста за енергетската ефикасност ќе биде нераскинлив дел од начинот на живеење.
Преку современи методи за едукација, досега над 37.000 ученици во основните училишта од четврто до шестто одделение го зголемија знаењето за потеклото на електричната енергија, начините за заштеда, како и за безбедносните мерки при нејзиното користење. Децата исто така имаа можност, преку споведување на локални промотивни кампањи да научат како стекнатото знаење да го пренесат на своите родители, соученици и целата локална заедница.
Училишниот проект на ЕВН Македонија е добитник на награда за општествена одговорност и е уникатен пример за соработка меѓу приватниот и граѓанскиот сектор. Партнери во спроведувањето на проектот на ЕВН Македонија се граѓанските организации: Здружение Конект, Центар за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), Младински совет Охрид, Жетва на знаење од Прилеп и Планетум од Струмица.