Менувајте ги лозинките, хакирани се стотици милиони мејлови
Загрозени се корисниците на Gmail, Outlook и Yahoo мејловите, но и Mail.ru, како и корисниците на германските и кинеските мејл сервиси. Хакерите успеале да дојдат до мејл адресите и лозинките на:
– 57 милиони Mail.ru мејл адреси
– 40 милиони Yahoo мејл адреси
– 33 милиони Microsoft/Outlook мејл адреси
– 24 милиони Gmail адреси
– Стотина илјади мејл адреси на корисници од Германија и Кина (германски и кинески мејл сервиси).
Според британската новинска агенција „Ројтерс“, вкупно се украдени податоци за 280 милиони мејл адреси. Станува збор за најголемата кражба на податоци во поново време зад која стојат хакери од Русија.
Со оглед на тоа што многу корисници за логирање на социјалните мрежи и другите јавни сервиси, вклучувајќи го и онлајн банкарството, користат иста лозинка, како и за логирањето на својот мејл, јасно е дека веднаш сите треба да ги променат своите лозинки. Без оглед на тоа дали вашиот мејл е загрозен или не, сега е вистинското време да ја промените лозинката.
Иако е наведено дека хакерите посебно го нападнале американскиот континент, сепак, сите специјализирани портали предупредуваат на можна злоупотреба на лични податоци и кражба од банкарски сметки, па затоа издвоите 2 минути и променете ја вашата лозинка.
Според последните информации, Google и Yahoo одбија да ја коментираат веста која што ја пренесе „Ројтерс“, додека пак од Microsoft се огласија и порачаа дека иако ги користат најсовремените методи за заштита на податоци, мораат да добијат повеќе информации за хакираните мејлови и да им се даде повеќе време за да проверат дали навистина дошло до пробивање на „заштитниот ѕид“ и на кој начин.