Религија

Вторник од Четвртата седмица на Великиот Пост

Тропар: Си нѐ искупил од законската клетва со чесната Твоја крв, на Крстот приковувајќи се и со копје прободувајќи се, бесмртност си му источил на човекот, Спасителу наш, Слава Ти

Епископ Силвестер: Исус Христос секој наш долг го откупи поодделно… За ова Исус постеше, беше искушуван и го победи искушувачот; за ова беше потребно дрво за дрво, и рака за раката подадена во невоздржание, рацете приковани за раката своеволна, оние раце коишто ги собраа во едно сите краишта на светот за раката на протераниот Адам; за ова се вознесе на Крст поради падот, вкуси жолчка поради забранетиот плод, прими трнов венец поради лошото владеење, прими смрт поради смртта и погребение поради враќањето во земја. 

Св. Андреј Критски: Да не беше Крстот, Животот не ќе беше прикован на дрво. А доколку Животот не беше прикован, не ќе истечеа од реброто потоци на бесмртност, крвта и водата, очистителни за светот. 

Св. Филарет Московски: Спомни си за Христа во пештерата и во затворот, и нема да те соблазнува велелепно украсениот дом. Спомни си за Христа оголениот и облечен во облека на потсмев, и нема да посакаш раскошна облека. Спомни си за оцетот и жолчката што Христос ги вкуси и нема да бидеш алчен за празнични пирови. Спомни си за Христа Кој ја пролеа Својата крв и за оние што ја пролеаја Неговата. Сети се дека на Крстот се молеше и за оние коишто Го распнаа на Крст, и веќе нема да мислиш за одмазда на душманите свои, туку великодушно ќе им простиш. 

Св. Атанасиј Велики: Зошто Господ не претрпе некаква друга смрт, туку баш Крстна? Оној што го прашува ова, тој нека знае дека токму оваа, а не некаква друга смрт, можеше да биде спасителна за нас, и токму неа ја претрпе Господ заради нашето спасение. Имено, ако Он дојде за на Себе да ја понесе нашата клетва, тогаш на каков друг начин ќе станеше Он клетва ако не ја понесеше на Себе смртта како клетва? А токму таква е Крстна смрт, бидејќи е напишано: „Проклет да е секој што виси на дрво“ (Гал. 3, 13). И второ, ако смртта на Господа е искупување за сите, ако со неа се разрушија преградите и беа повикани народите (Ефес. 2, 14), тогаш на каков начин би можел Он да нѐ повика кон Отецот, ако не распнат на Крст? Имено, само на Крст може да се умре со раширени раце. 

Извор: Bigorski.mk

Поврзани вести

Back to top button