Сеноќно бдение во чест на светите Пречистански преподобномаченици
Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, а по иницијатива на монаштвото на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, во чест на споменот посветен на светите Пречистански преподобномаченици, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, на 8 април 2016 лето Господово (петок), со почеток во 22. 30 часот, ќе се отслужи сеноќно бдение.
Со Бдението ќе началствува Поглаварот на Македонската православна црква, во сослужение на архимандритите од македонските манастири. На Бдението ќе пеат хоровите при братствата на Бигорскиот и Лесновскиот манастир, како и хорот „Хармосини“. Литургијата ќе започне во 2 часот по полноќ.
Исто така, во прилог на ова духовно чествување, на 8 и 9 април, во истиот храм ќе се одржи и црковен саем на книгата, на кој учество ќе земат издаваштвата при епархиите на МПЦ – ОА.
Свети преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверикиј или Пречистанските преподобномаченици биле македонски православни монаси во манастирот Свeтa Богородица – Пречиста во Кичевско кои маченички пострадаа во 1558 година кога овај храм бил нападнат од турската војска. Тие претставуваат првите светци прогласени од новата преродена Македонска православна црква.