Седуммина демонстранти загинаа во судири со турската полиција во Дијарбакир
Седум лица денеска го загубија животот во судири со полицијата и силите за безбедност во главно курдскиот југоисток од Турција, каде властите во речиси целото подрачје воведоа полициски час, јави Танјуг.
Ова се најновата серија инциденти во неколкумесечното насилство кое следеше откако во јули беше прекинато примирјето меѓу Владата и Работничката партија на Курдистан (ПКК).
Две лица погинале во судирите меѓу демонстранти и полицијата во градот Дијарбакир, јавија британските медиуми, повикувајќи се на извори од болницата и очевидци, а пет курдски екстремисти погинале во провинцијата Мардин, во округот во кој, исто така, е воведен полициски час.
На улиците на Дијарбакир извадени се оклопни возила, а полицијата врз демонстрантите пукала од водени топови и користила солзавец. Демонстрациите ги организирала прокурдската Народна демократска партија (ХДП) во знак на протест поради двонеделниот полициски час во градскиот округ Сур.
Гувернерот на провинцијата Сирнак во два града во близина на границата со Сирија и Ирак воведе полициски час, што во сила стапува вечерва на полноќ.
„Прогласен е полициски час за да се неутрализираат сепаратистичките терористички групи, да се отстранат барикадите и рововите полни со експлозиви и да се воспостави јавниот ред“, соопшти канцеларијата на гувернерот.