(ВИДЕО) Објавена снимка од пукањето во Куманово, повредениот доктор Шаини е во стабилна состојба
Докторот Зекирија Шаини, кој денеска беше повреден во оружен инцидент во Куманово, е во стабилна состојба, а повредите не се животозагрозувачки, информираа денеска од Министерството за здравство.
Од Здравство велат дека докторот веќе е во фаза на опоравување.
Од Министерството најавуваат целосна поддршка за Шаини додека трае неговата рехабилитација.
Министерството категорично го осудува секое насилство врз здравствените работници и нагласува дека нивната безбедност е приоритет.
„Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти“, се вели во соопштението.
Од Министерството за здравство потврдуваат дека активно ќе соработуваат со Министерството за внатрешни работи (МВР) и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот.
Воедно, тие повикуваат на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот доктор и неговото семејство.
Министерството најави дека ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени.
Повредениот од денешното пукање во Куманово бил пренесен во кумановската болница со четири прострелни работи во пределот на левата подлактица и десното колено. Тука му биле направени снимања на рендген и на компјутер. Директорот на Општата болница Куманово, Сашо Стошевски, информираше дека мажот бил пренесен на скопските клиники, но дека е надвор од животна опасност.
Ранетиот Зекирија Шаини е вработен на скопската Клиника за пулмологија и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково.
Во јавноста се објавени снимки од камерите за видео-надзор кои го документираат инцидентот со пукање во Куманово, јавува ТВ21.
Според објавеното видео, лицето кое пукаше и побегна од местото на настанот го направи тоа за само шест секунди. Снимките покажуваат брзина и решителност во дејството, а истрагата продолжува за да се утврдат сите околности околу случајот.
Полицијата ги користи материјалите од камерите за да го идентификува сторителот и да обезбеди одговорност за насилниот чин.



