Избор на уредникотМакедонијаТоп

Меџити: Жителите на Косово и Албанија не се странци, ќе се лекуваат кај нас по исти цени како македонските

Жителите на Косово и Албанија не се странци и тие ќе се лекуваат кај нас со исти цени како македонските граѓани, истакна вчера Министерот за Здравство, Фатмир Меџити. Целта е според него граѓаните на овие земји да се третираат еднакво во однос на здравствените услуги и да плаќаат исто колку македонските државјани.

– Косовските граѓани плаќаа двојно повисоки цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено доаѓаат за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион, изјави Меџити.

По ваквата изјава на министерот имаше остри реакции од граѓаните на социјалните мрежи.

– Министерот за здравство: Косовските државјани не се странци во Македонија. Па во право е. Реално Македонците се странци во Македонија, напиша на својот Фејсбук профил правникот и граѓанскиот активист Умејр Муамеди.

Реагираше и доктор Александар Митов.

„Дај Боже да имавме толку висок здравствен буџет па да ги лекуваме сите околни земји… Но, немаме. Па дури и Сингапур и Швајцарија не лекуваат граѓани на околни земји. Треба само површно познавање на буџетите на болниците за да се знае каква е реалната состојба.Значи, за некои работи не треба ни анализа за да се види дали се реални и можни. Треба само малку информираност и здрав разум. Но, не само пари, и последниве ги нема…“, напиша Митов на Фејсбук.

Од Министерството за здравство дадоа појаснување на изјавата на Меџити дополнувајќи дека се работи за израмнување на цените, но за приватно лекување во јавното здравство.

Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани.

– За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот, појаснуваат од Министерството.

Но од Министерството не појаснија што значи изјавата на министерот Меџити дека жителите на Косово и Албанија не се странци. Ако се знае дека во било која држава странци не се само оние кои имаат државјанство на истата.

Поврзани вести

Back to top button