Религија

Православни светители кои се празнуваат денес

Преподобен Алимпиј Столпник

Роден е во Адријанопол, пафлагониски град. Од малечок Му беше предаден на служба на Бога. Како ѓакон служеше во црквата на епископот Теодор во тој град. Но желен за осаменички живот, молитва и богомислие, Алимпиј се оддалечи на едни елински гробишта надвор од градот, од кои заради честите демонски привиденија луѓето бегаа како од страшилишта. Таму тој забоди крст, па изгради храм во чест на Света Ефимија, којашто му се јави во сон. Крај храмот подигна висок столб, се качи на него и помина таму во пост и во молитва цели педесет и три години. Ни потсмевот на луѓето ни злобата на демоните не можеа да го оддалечат оттаму ниту да го поколебаат во неговата намера. Особено од демоните овој светител претрпе безброј маки. Не само што го застрашуваа со разни привиденија туку и го маваа со камења, не давајќи му мир ни дење ни ноќе долго време. Но Алимпиј мажествено се оградуваше себеси против силата демонска со знакот на крстот и со името Исусово. Најпосле демоните победени го оставија, а луѓето почнаа да го почитуваат и да му доаѓаат барајќи ги неговите молитви, утеха, поуки и исцеленија. Околу неговиот столб се подигнаа два манастири: од едната страна машки, а од другата женски. Во женскиот манастир живееја мајка му и сестра му. Св. Алимпиј ги раководеше монасите и монахињите од својот столб преку сопствениот пример и слово, а им блескаше на сите како небесна светилка, укажувајќи им го патот кон спасението. Овој Божји угодник имаше толкава благодат, што често го озаруваше небесна светлина и над него се креваше светлосен столб до небото. Беше прекрасен и силен чудотворец за време на животот и после смртта. Поживеа повеќе од сто години и се упокои во Господ во 640 година, во времето на царот Ираклиј. Од неговите Свети мошти се чува главата во Кутлумушкиот манастир на Света Гора.

Преподобен Јован Отшелник

Од Сирија. Ученик на Св. Марон (под 14 февруари) и современик на Св. Симеон Столпник. Се подвизуваше под отворено небо, се хранеше со наквасена леќа. Правеше големи чуда, со името Христово дури и мртви воскреснуваше. Царот Лав го праша за мислење за Халкидонскиот Собор. Се упокои мирно во 457 година.

Преподобен Стилијан

Пафлагонец, сонародник и современик на Св. Алимпиј. Имаше преголема љубов кон Господ Исус Христос и заради оваа љубов се предаваше на големи подвизи. Се одрече од с ѐ , само за да има неподелена љубов кон Господа. Пред смртта ангелите се јавија за да му ја земат душата и лицето му заблеска како сонце. Беше голем чудотворец за време на животот и после смртта. Им помага особено на малечките деца и на бездетните родители.

Преподобен Никон

Родум од Ерменија. Поттикнат од Господовите зборови: „…секој којшто остави татко или мајка заради Моето име, ќе прими стопати повеќе и ќе наследи живот вечен“, Никон остави навистина с ? заради Христа и отиде во еден манастир, се замонаши. Кога се восоврши во сите добродетели, го напушти манастирот и тргна да им го проповеда на луѓето Евангелието. Непрестајно викаше: „Покајте се!“ Заради ова и го завикаа Покајание. Како проповедник обиколуваше по цела Анатолија и Пелопонез. Вршеше чуда со името Христово. Мирно премина при љубениот Господ во Спарта, во 998 година.

Свети Инокентиј Иркутски чудотворец

Се упокои во 1731 година. Чудотворните мошти му се открија во 1804 година.

Поврзани вести

Back to top button