ОМО Илинден Пирин: Не го славете бугарофилот Черноземски, што го уби кралот, тој убиваше Македонци
По повод вчерашниот ден 9 октомври, датум на кој Владо Черноземски извршил атентат над југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ во Марсеј, се огласи здружението на Македонците од Бугарија, ОМО Илинден Пирин.
„Македонци! Не заборавајте дека бугарофилот Владо ‘Шоферот’ Черноземски кој денеска го славите, под команда на Ванчо Михајлов во име на БУГАРСКА Македонија, ги убиваше нашите предци низ Пиринско, но и македонските револуционери каков што беше и Димо Хаџи Димов!“, објави здружението кое Бугарија упорно го збаранува и покерај купот пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Време е да се стави крај на вакви подметнувања во македонската историја, кои одат во прилог единствено на бугарската пропаганда!“, се дополнува.
Од ОМО Илинден Пирин се осврнаа и на песната „За кралот Александар“ од Војо Стојаноски во која се пее токму за атентатот на кралот Александар I Караѓорѓевиќ кој се случил на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Тогаш Владо Черноземски, член на ВМРО и Бугарин по потекло, го извршил атентатот при што веднаш и самиот било застрелан од полицијата, а на раните им подлегнал вечерта во болница. ОМО Илинден Пирин вели дека песната воопшто не е народна македонска песна, туку дека била нарачана од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
„И не, песната од Војо Стојаноски не е народна, туку нарачана од неговиот тогашен Претседател на партијата Љубчо Георгиевски, кој после некоја година си призна дека бил неосвестен Бугарин!
Денес, пак, некои ликови се будат и биле ‘неосвестени’, а се чудите од каде?!? Сѐ почнува од славење на вакви контроверзни личности – слуги на туѓи дворови“.
Македонската историја се согласува дека Черноземски бил Бугарин. Тој бил роден во селото Каменица во близина на Велинград, град во Бугарија кој е блиску, но надвор од Пиринска Македонија. Бил ангажиран во ВМРО од страна на Тодор Александров за да извршува специјални задачи бидејќи бил одличен стрелец. По смртта на Александров, Черноземски паднал под закрила на Ванчо Михајлов со што почнале низата ликвидации на македонските револуционери.
Здружението потенцира и дека убиството на југословенскиот крал нема никаква врска со македонизмот, туку дека е направено во интерес на Бугарија.
„Југословенскиот крал е убиен за да се замени со бугарскиот крал, а не за да се ослободи Македонија!“, завршува објавата на ОМО Илинден Пирин.