Мирсад Црновршанин сопственик на маркет од Лажани поставен за директор на државната фирма што купува и продава струја за ЕСМ
На крајот на август, државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го назначила Мирсад Црновршанин за директор на подружницата „ЕСМ продажба“, преку која државното електростопанство увезува и извезува струја, објави „Фактор“.
Станува збор за жител на прилепското село Лажани во Општина Долнени, кој според претходно објавени медиумски написи, е сопственик на стоковна куќа и локален маркет во Лажани.
„Фактор“ пишува дека Црновшанин ќе биде управител на „ЕСМ продажба“ (поранешното име ѝ беше „Елем трејд“) на определено време од 12 месеци, во периодот од 1 септември до 31 август следната година. Порталот минатата недела испратил прашања до ЕСМ околу тоа дали новоназначениот директор доаѓа од редовите на компанијата или од комерцијалниот сектор и дали според својата биографија ги задоволува професионалните критериуми да ја извршува таа функција, но засега нема одговор.
Продажбата на ноќните вишоци деновиве е тема во јавноста, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (кој беше генерален директор на ЕСМ), во серија прес-конференции обвини дека ЕСМ ноќната струја ја продава на привилегирани трговци, по цени кои се пониски од берзанските. Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, возврати дека Мицкоски „или не знае или лаже“ и во детали објаснуваше како и по кои цени државната фирма ги продава ноќните вишоци.