ЖивотЗдравјеИзбор на уредникотТоп

Научникот што ја создаде вакцината верува дека нормалниот живот ќе се врати следната зима

Ефектот на новата вакцина против новиот коронавирус и болеста којашто тој ја предизвикува значително ќе се почувствува во текот на претстојното лето, а нашите животи би требало да се нормализираат до следната зима, вели еден од творците на вакцината за ковид-19, професорот Угур Сахин, соосновач на германската биотехнолошка компанија „BionTech“.

Професорот Сахин смета дека оваа зима ќе биде тешка, бидејќи вакцината нема да има голем ефект врз бројот на новозаразените.

На почетокот од седмицава американската фармацевтска компанија „Pfizer“ и германската „BioNTech“ објавија дека прелиминарните анализи покажале оти нивната вакцина против новиот вирус е ефикасна во 90 отсто од случаите. Во тестирањето кое го спровеле во последната клучна фаза, учествувале околу 43.000 волонтери.

Во интервјуто за „Би-Би-Си“, професорот Сахин вели дека е убеден оти вакцината ќе го намали пренесувањето на вирусот меѓу луѓето, како и дека ќе го спречи развивањето на симптомите кај лицата кои ќе се вакцинираат. Додаде дека е можно и вакцината да ја преполови трансмисијата на вирусот, што би имало според него големо значење.

Цврсто сум убеден во тоа дека пренесувањето на вирусот меѓу луѓето ќе се намали благодарејќи на високо ефикасната вакцина, можеби не за 90 отсто, туку можеби за 50 отсто, но притоа не смееме да заборавиме дека дури и таков процент би можел да резултира со драматично намалување на натамошното ширење на пандемијата, вели Сахин.

Откако во понеделникот беше објавена веста за „првата ефикасна“ вакцина против коронавирусот, бидејќи Западот и големите медиуми го игнорираат постоењето на руската вакцина „Спутник V“ и податоците дека и таа е ефикасна над 90 отсто и веќе се употребува за вакцинирање на луѓе и пред објавувањето на резултатите од третата фаза на испитувањето, Сер Џон Бел, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Оксфорд, рече дека животот на луѓето би можел да се врати во нормала до пролетва.

Веројатно сум првиот кој ова јавно го кажува, но доста сум убеден во тоа, рече Бел.

Меѓутоа, Сахин смета дека за повторно нормализирање на животот, сепак, ќе биде потребно повеќе време.

Доколку работите и натаму добро се развиваат, вакцината според него би трабало да биде дистрибуирана „кон крајот на оваа, и почетокот на следната година“. Сахин вели дека целта е до април следната 2021 година ширум светот да бидат испорачани над 300 милиони дози од вакцината, што, како што истакнува, „само би претставувало почетокот на поголемиот ефект“ на вакцината врз ширењето на епидемијата. Појаснува дека поголемата ефикасност од вакцинирањето ќе се почувствува малку подоцна.

Летото ќе ни помогне во тоа, бидејќи стапката на заразите во текот на летата се намалува, а нам ни е извонредно важно да успееме да реализираме висока стапка на вакцинираност до, односно пред есента и зимата следната година, вели професорот Сахин.

Истакнува дека смета оти е неопходно сите програми за имунизација на населението да бидат довршени пред есента следната година.

На прашањето од новинарот дали вакцината е подеднакво ефикасна и за повозрасната популација, како и за помладата, Сахин одговора дека попрецизен одговор ќе може да дадат во следните три седмици.

Вели и дека сѐ уште не е познато колку ќе трае имунитетот кај лицето коешто ќе ја добие и втората доза од вакцината. Во секој случај, вели Сахин, повторното вакцинирање „не би требало да биде прекомплицирано“, доколку се утврди дека имунитетот значително паднал по една година.

Сахин вели и дека „клучните нуспојави“ кои научниците досега ги забележале, биле само блага до умерена болка на местото на инјектирање на вакцината, којашто траела неколку дена, а некои волонтери добиле и блага до умерена температура, која исто така кусо траела.

Не забележавме никакви сериозни нуспојави кои би резултирале со прекинување или застој во нашата студија, додава префесорот.

Вакцината која ја развил Сахин во соработка со сопругате Езлем Туречи е една од 11-те во светот кои во моментов се во завршната фаза од испитувањата. Препаратот со ознаката „BNT162b2“ се темели на иновативната технологија mRNK, односно молекула на рибонуклеаинската киселина која носи информација, со која организмот се поттикнува да создава еден од вирусните протеини со кој потоа организмот се поттикнува на развој на имунолошки одгвовор на коронавирусот.

Поврзани вести

Back to top button