Собранието доби 5 потпретседатели, ќе добиваат од 75.000 до 80.000 денари месечно, плус ќе имаат свои кабинети и службеници, Швајцарија има дваjца
И покрај критиките од опозицијата за непотребен број заменици и дополнителен трошок, Талат Џафери, кој досега имаше четири, сега доби пет заменици на претседателот на Собранието. Потпретседателите добиваат од 75.000 до 80.000 денари месечно, односно 15.000 до 20.000 денари повеќе од пратениците. Но, освен овој надоместок, треба да им се обезбедат кабинети и службеници, што значи дополнителни трошоци од буџетот на Собранието.
Од 2006 до 2016 година, Собранието на Република Македонија имаше по три потпретседатели, откако тој број беше намален оти и претходно имало меѓу четири и пет потпретседатели.
Силјановска Давкова додаде дека сето ова е непотребно, веќе овде станува збор за битка на статус за жал. Парламентот нема да има корист од толкав број на потпретседатели. Само од сето ова Македонија ќе има трошоци.
„Ако може Швајцарскиот совет да има двајца потпретседатели, прв и втор, не ми е јасно чуму ни се нам пет“, запраша Силјановска Давкова.
Од СДСМ реплицираа дека тоа што се ставени на дневен ред пет потпретседатели не значи дека ќе се изберат и дека вака им се остава можност на ВМРО-ДПМНЕ да предложат и тие, а ако сметаат дека е ирационално – да немаат свој кандидат.