Македонскиот јазик е факт, вели дописен член на Бугарската академија на науките!
Алек Попов, бугарски писател, сценарист и филолог ја критикува Бугарската академија на науките (БАН), чиј дописен член е, за „отровниот, бескорисен спор“ околу македонскиот јазик, кој самиот го смета за факт.
„Како било пред 100 или 1.000 години не се осмелувам да тврдам, но денес граѓаните на Северна Македонија зборуваат на свој јазик, кој го нарекуваат македонски. Ние љубезно се обидуваме да ги убедиме дека тоа е дијалектна форма на бугарскиот јазик. Тие учтиво одбиваат да се согласат. (Не е потребно да си учел психологија за да предвидиш дека тие ќе реагираат токму така!). Ние продолжуваме да ги убедуваме, веќе не толку љубезно, понекогаш дури и тропаме по масата. Тие остануваат на своето. Колку ќе трае ова? Уште 100 години? Уште 1000?“, прашува Попов во коментар за бугарски „Капитал“.
„За мене барем денес тој јазик е факт. За тоа се погрижила и државата, но најмногу македонските автори, кои пишувале и пишуваат на него веќе повеќе од 70 години. Тие создадоа редица талентирани дела во сите жанрови, кои се преведуваат низ целиот свет, вклучувајќи и кај нас. Одвај дали има бугарски издавач што би си дозволил на насловната страница да стави – превод од писмено-регионалната норма на Северна Македонија. Ако некому и му текне да прифати наредба што го задолжува да го стори тоа, едноставно, нема да издава книги од македонски автори. Од своја страна македонските издавачи ќе престанат да издаваат бугарски автори. Штом е ‘исто’, да си ги читаат на бугарски!“, пишува тој.
„И оп – ете нè на точката нула, од кадешто тргнавме! Не сакам да се случи тоа! Пред сè, поради многуте пријателства што денес ме поврзуваат со луѓето од другата страна на Деве Баир. Затоа што сметам дека заедно можеме да постигнеме многу повеќе отколку сами, затоа што само иднината може да ни го даде она што минатото неповратно го загубило. Пријателството задолжително ја вклучува и таа основна демократска норма: почитување на правото на самоопределување! Ете зошто избирам да се сообразам со реалноста и да не им кажувам на другите што се и на кој јазик зборуваат. Реалноста е двосмислена, носи ризици, но нуди и голем број можности кои ветуваат една подобра иднина за целиот Балкан. Иднина за која вреди да се бориме“, заклучува Попов.
Својот став за македонскиот јазик како факт тој го аргументира и со титлуваниот превод на македонската серија „Преспав“ што оди на бугарската БТВ, во која и самиот учествува, како и со преводот на негова книга токму на македонски.
„Еден од првите преводи на моја книга во странство беше токму на јазикот што некои овде надмено го нарекуваат ‘писмено-регионална норма’. Зошто некој би се мачел да преведува кога станува збор за еден ист јазик? Многу едноставно: затоа што, со мали исклучоци, никој во Македонија нема да разбере книга напишана на бугарски! Т.е. ќе разбере нешто, но не доволно за да може да го восприеме текстот во целина и да ужива во него. Истото важи и за обичниот бугарски читател. Тој исто така нема да посегне кон книга напишана на македонски јазик затоа што ќе разбере премалку, без оглед на квалитетот на текстот“, објаснува Попов.