12-годишната Христина живее со „синдром на свеќа“ кој мора да го лекува во САД
„Здраво! Јас сум Христина. Мојата најголема желба е да пораснам за да можам да играм и во школо да одам, да немам црвенки на нозете за да трчам, да можам да трчам и да играм со моите другарчиња.“
12 годишната Христина Митревска е единствена во Македонија и една од десетина деца во светот која боледува од синдром на свеќа. Станува збор за ретка болест, која се манифестира со чести трески, висока температура, осипи на кожата и застој во развојот.
„Во однос на дијагнозата ни објаснија дека девојчето е со ризична болест и ако не се лекува навреме може да дојде до тешки оштетувања на органите. Секој родител би стравувал. Да не е никој во моја кожа. Јас си знам како се справувам. Толку години да се соочуваш со ваква болест е многу тешко, затоа што си го гледаш своето дете како се мачи, со какви болки се справува, а ти не можеш да му помогнеш.“ – вели Катица Митревска – мајка на Христина.
Христина и нејзината мајката девет години талкале низ македонските болници, без да може да добијат дијагноза. Болеста конечно и била дијагностицирана во Америка каде добила и покана за бесплатна експериментална дијагностика во клиника во Вашингтон. На секои три месеци треба да оди таму. Лекувањето и го покрива Америка, но патот и престојот семејството треба само да си го плати. Досега со помош на кредити и позајмици успевале да ги покријат трошоците, но семејниот буџетот е исцрпен и единствена надеж сега им е хуманоста на граѓаните.
„Апелирам до народот да помогне, да ова девојче биде како сите други деца, како сите други девојчиња, како секоја една мајка што сака своето девојче да го види на тие години така и јас.“ – вели Катица.
„Дали државата ви покрива нешто или некако ви помага?“
„Не, државата не ни покрива. Со кредити, со донации се снаоѓавме досега, но веќе немам и затоа апелираме.“
„Сте се обратиле ли до нашите здарвствени институции?“
„Да еднаш се обратив, ме одбија, затоа што тие поркивале операции. Никој не рекол чекај да видиме девојчето со што е, бидејќи кога им рековме дека одиме за дијагноза, а не за операција, не одбија.“
За Катица најтешко е што нејзината ќерка не може да има детство како нејзините врсници.
„Најтешкиот момент ми е кога ќе видам другите девојчиња на нејзина на возраст. Најтешко ми е затоа што и таа сака да го прави сето она што го прават незјините врсници но не може. Најголема желба ми е Кика да ми оздрави, да нема болки да биде како секое девојче. Тоа и таа го чувствува, сака но не може.“
Христина треба на 13-ти јули да замине во Америка, а до тогаш ако не излезе во пресрет државата, единствена надеж и останува хуманоста на граѓаните, за да се соберат средства за да може да го продолжи лекувањето во Вашингтон.
ТЕЛЕФОН И Ж.СМЕТКА ЗА ДОНАЦИИ:
T-MOBILE– 143 – 116
VIP – 143 – 666
Ж.СМЕТКА – СТОПАНСКА БАНКА : 200003281030036