„Пајакот“ нема кривично да одговара за нападот на полицајката
Обвинителството нема да го гони функционерот на ДУИ, Бекир Асани, кој пред една година ја нападна полицајката Јасмина Јаначкова, која заедно со пајак-службата се обидела да го крене неговото непрописно паркирано возило. Oбвинителот констатирал дека кривичното дело напад врз службено лице не може се гони по службена должност и ја затворил постапката против Асани, објави „Макфакс„
„Во рамките на постапката беа сослушани оштетената и пријавениот, како и тројца други сведоци на настанот. Од ниеден вербален исказ, вклучувајќи ја и оштетената, надлежниот јавен обвинител не доби потврда дека пријавениот физички ја нападнал“, велат од Обвинителство за „Макфакс“.
Според Обвинителството, немало докази дека полицајката Јаначкова била нападната, а притоа не постоела сериозна и остварлива закана кон неа ниту, пак, физички контакт за Бекири да биде гонет за физички напад. Од снимките што „Макфакс“ преку барање за пристап до информации ги побара, но Обвинителството одби да ги даде, обвинителот утврдил дека нема физички контакт меѓу Асани и Јаналкова.
„Таква потврда не е добиена ниту по прегледувањето на прибраниот видеоматеријал од безбедносните камери на локацијата каде што се случил настанот и снимките од комуникацијата по радиоврска преку службениот систем на полициската службеничка“, додаваат од Обвинителсто.
Асани кон Јаначкова упатил само навреди и вулгарности со цел да ја омаловажи, заклучил надлежниот обвинител. Па, така, против него е поведена само прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир и треба да плати глоба од 600 до 800 евра.
Асани пред 5 години ја предводеше групата што се обиде да го искрши споменикот на цар Душан на мостот „Око“, а самиот со голем чекан удирал по споменикот. Асани во 2008 година физички го нападнат новинарот Лирим Дулови во зградата на македонското Собрание. За него МВР има регистрирано неколку инциденти. Министерството го сомничи за напад на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, во март 2016 година по неуспешниот обид да се стават темели на крст во Бутел. Функционерот на ДУИ пред три години бил уапсен во Србија за сообраќаен прекршок. За него медиумите пишуваа дека му се заканувал на сегашниот премиер Зоран Заев дека доколку се појави некој од прислушуваните разговори меѓу функционери на ДУИ, ќе биде лошо.