Uncategorized

Православни светители кои се празнуваат денес

Трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

Во време на луто иконоборство во 8 век, главата на Свети Јован Крстител беше пренесена во местото Комане, место на прогонството на Свети Јован Златоуст. А кога престана иконоборството, во времето на царот Михаил и патријархот Игнатиј, во 850 година, чесната глава на Свети Јован беше пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква.

Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Кипарски

Монах и подвижник на островот Кипар, се удостои со епископски чин, а за време на прогонствата се удостои и со маченички венец. Неговото тело почиваше во една црква на Кипар. Кога во времето на Никифор удрија Агарјаните на островот Кипар, светителот му се јави на туторот на црквата и му кажа дека неверниците ќе го нападнат Кипар, па му нареди неговите мошти да се пренесат во Цариград. Туторот веднаш го изврши тоа. Кога тргна коработ со кивотот, на морето се крена голема бура, но околу самиот кораб беше тивко и мирно, а од кивотот се разлеваше благоухание низ целиот кораб и наоколу. Тогаш туторот го отвори кивотот и сите го видоа преисполнет со миро излеано од моштите на светителот. Од тоа миро се намачкаа мнозина болни и оздравеа. Во Цариград над чудотворните мошти изградија нова црква и почнаа да стекнуваат исцеленија сите што со вера им притекнуваа на светите чудотворни мошти. Со Божествената благодат од моштите на Свети Терапонт се исцелуваа најтешките болни од парализа, рак, крвотечение, лудило, слепило, исушеност и разни други маки.

Светите маченици Пасикрат, Валентион, Јулиј и други

Римски војници, пострадаа за Христа во Доростол Македонски околу 302 година. Кога на Пасикрат му пријде неговиот брат Папијан, којшто од страв отстапи од Христа, па почна да го наговара и него да се одрече од Господ, Свети Пасикрат му рече: „Оди си од мене, ти не си ми брат!“ Пасикрат и Валентион беа убиени заедно. Свети Јулиј му рече на судот: „Јас сум ветеран. Дваесет и шест години му служев верно на царот, па кога досега му бев верен на нижниот, зар да му бидам неверен на вишниот?“ т.е. на Небесниот Цар. Потоа пред префектот Максим беше изведен Никандар. Никандровата жена го храбреше својот маж да пострада за Христа. „Глупава бабо“, ѝ велеше Максим, „тебе ти се посакало подобар маж!“ А жената му одговори: „Ако мислиш така за мене, нареди нека ме погубат мене пред маж ми!“ Со Никандар загина и Маркијан. Неговата жена дојде на губилиштето, носејќи во рацете малечок син. Маркијан го целиваше и Му се помоли на Бога: „Семоќен Господи, грижи се за него!“ Потоа беа убиени со меч и преминаа во Царството Христово.

Поврзани вести

Back to top button