Македонија

Ќе се менува името на аеродромот и автопатот

Грчкиот премиер Алексис Ципрас кажа дека преговарачкиот процес се приближува кон крајот и дека решението за името треба да важи ерга омнес по денешната средба со македонскиот премиер Зоран Заев на Светскиот економски форум во Давос. Заев, на заедничката прес-конференција, најави дека Владата ќе го промени името (Александар Велики) на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“, откри Заев.

„Ние сме нова генерација прогресивни премиери. Знам дека денеска многу луѓе нè гледаат. Некои со скептицизам, други со оптимизам. Сакаме да ги решиме прашањата прагматично и одговорно. Го кажувам ова бидејќи само не што сакаме да го решиме спорот со името, туку и билатералните односи да ги поставиме на основа на заемна доверба.

Да се справиме со сите форми на иредентизам, да не оставиме дупки за да се осигураме дека нема да се појават слични предизвици во иднина. Мора да најдеме решение за сите нерешени прашање за да можат да продолжат напред евротатлантските интеграции. Заедничкото решение треба да биде ерга омнес, а преговарачкиот процес се приближува кон крајот. Паралелно се согласивме дека треба да продолжат мерките за градење доверба“, кажа Ципрас.

Заев изјави: „Двете земји се на вистинскиот пат да постигнат добрососедски односи кои ќе придонесат за стабилноста и економскиот просперитет на балканскиот регион. Мнозинството граѓани во двете земји сакаат да имаат блиски и пријателски односи. Сакаме да станеме еднакви партнери во ЕУ и НАТО. Покажавме во минатото дека можеме да работиме заедно за меѓусебен интерес. Ние како премиери имаме политичка визија и одговорност да работиме на надминување на долгогодишниот спор. Редно време е да се најде решение бидејќи тоа е клучно за нашите евроатлантски перспективи. Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни.

Решението мора да биде во заштита на националниот дигнитет и идентитет на нашите народи. За да покажеме дека сме посветени на наоѓање решение, Владата ќе го промени името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“. Ова сведочи за фактот дека немаме никакви територијални претензии кон нашиот сосед. Остануваме посветени на преговарачкиот процес предводен од медијаторот на ОН Метју Нимиц. Ќе го кренеме нивото на преговори на министри за надворешни работи со нивните тимови. Ова ќе дозволи поголема динамика и суштина“

Поврзани вести

Back to top button