„Западна Европа ќе биде освоена од муслимани, а Исламот наскоро „ќе чукне и на вратата“ на Централна Европа“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека „Христијанството е последна надеж на Европа“ и оти политичарите во Брисел, Берлин и Париз, кои ја поддржуваат миграцијата, „отвораат пат за пад на христијанската култура и офанзива на Исламот“.
Ваквата изјава Орабан ја даде во обраќање на стартот во предизборната кампања за парламентарните избори во април, на кои тој ќе се бори за трет мандат .
Според Орбан, Западна Европа ќе биде освоена од муслимани, а Исламот наскоро „ќе чукне и на вратата“ на Централна Европа.
– Германците се принудени да ги напуштаат големите градови, затоа што мигрантите прво нив ги окупираат, нагласи 54-годишниот Орбан.
Унгарскиот премиер води антиимигрантска политика со кој ја зголемува својата популарност и покрај критиките дека Унгарија има авторитарен режим.
Орбан изјави дека опозицијата е во „очајна положба“ пред изборите на 8 април и дека не разбира како „тие можат да бараат народот да гласа за нив“.
Главната опозициска партија, екстремно десничарската Јобик, има рејтинг од околу 20 проценти на анкетите, наспроти 50 отсто поддршка за партијата на Орбан, ФИДЕС.