Заев: преименувањето на училиштата во Чаир е незаконско
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска рече дека промената на имињата на две училишта во општина Чаир е спроведена низ незаконска постапка.
„Централниот регистар мора да ја коригира веднаш затоа што не постои одлука на Советот на општина Чаир. Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.
Министерот за образование Арбр Адеми доцна синоќа, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека ги потпишал потребни акти двете училишта во општина Чаир да се преименуваат. Според записот од Централен регистар кој го објави Адеми училиштето Никола Вапцаров сега се вика Имри Елези, а Рајко Жинзифов е преименувано во Исмаил Ќемали.