Избор на уредникотРелигијаТоп

Зачнувањето на Света Ана

Зачнувањето на Света Ана

Праведните Јоаким и Ана беа бездетни цели педесет години од нивниот брачен живот. На старост им се јави архангелот Гавриил, секому посебно, и им рече дека молитвите им се услишени од Бога и дека ќе родат ќерка, Марија. Тогаш Св. Ана зачна од својот маж и по девет месеци роди ќерка благословена од Бога и од сите човечки колена, Пресветата Дева Марија Богородица (поопширно под 9 септември).

Тропар
Денес се скршени оковите на бездетноста, зашто Бог ја услиши молитвата на Јоаким и Ана: Он им ветува јасно, иако не се надевале, дека ќе Ја родат Богоотроковица, од која се роди Неописливиот Кој стана човек, и Кој им заповеда на ангелите да ? пеат: Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе.

Кондак
Вселената денес го празнува зачнувањето на Ана, бидејќи таа ја роди Онаа што надумно Го роди Словото.

Света Ана, мајката на Пророкот Самуил

Жена на Елкан, од Арматем или Ариматеја (1 Сам. 1). Немаше деца бидејќи беше неплодна, заради што горко плачеше и тагуваше. Но милостивиот Бог се смилува на неа и ја разреши нејзината неплодност заради нејзините непрестајни воздишки и молитви. Ана го роди синот Самуил и Му го посвети на Бога уште од неговото детство. Тој беше голем водач на Израилскиот народ и Пророк, помаза два цара, Саул и Давид. А Св. Ана Му испеа на Бога благодарствена песна, чудесна според мудроста и убавината, па нејзе и ден денес ја пеат во богослужбите на Црквата (1 Сам. 2, 1).

Тропар
Се зарадува душата твоја во Господа, а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните Свои о, Ано, смирена слугинко Господова, плодот на промислата Божја, послужи за спасение на многумина, и затоа сите денес го чествуваме твојот свет спомен.

Преподобен Стефан Новосјаен

Овој Божји угодник е роден и воспитан во Цариград, во домот на неговите родители Захарија и Теофанија. Татко му беше свештеник во Големата Црква во времето на патријархот Методиј. Кога го носеше зачнат во нејзината утроба мајка му се хранеше само со леб и вода. Кога се роди младенецот, на неговите гради сјаеше крст од светлина. Заради ова, а и заради неговиот чист и богоугоден живот, наречен е Новосјаен. Во осумнаесеттата година од животот Стефан се затвори при црквата на Св. апостол Петар и таму се предаде на подвиг на пост и молитва. Еднаш му се јави Св. Петар и му рече: „Мир на тебе, чедо, добро започна, Господ да те укрепи!“ Потоа поживеа многу години при црквата на Св. маченик Антипа. Нему овој светител му се јави и го укрепи со зборовите: „Знај дека нема да те оставам“. Стефан си налагаше сe поглеми подвизи. Се хранеше со несолено зелје двапати неделно. Се подвизуваше заради Небесното Царство педесет и пет годни и се упокои во Господ во 829 година, во седумдесет и третата година од својот овоземен живот.

Тропар
Името твое круна нeбесна постана кога Бога Го прослави – Вистинската Светлина. А Он во твоето срце крст светлозарен изваја, каде ти страстите ги распна со желбите и похотите, и ангел во тело постана пред лицето Господово, Кого и денес и во веки Го молиш за нашето спасение.

Свети Софрониј, архиепископ Кипарски

Тој е роден и воспитан на Кипар. Заради неговата голема духовна ученост и многубројните добродетели, особено милосрдноста, го поставија за архиепископ после Св. Дамјан. Откако верно ? послужи на Црквата се упокои мирно во 6 век.

Тропар
Поучувајќи се во законот Господов, благодатно восходеше од сила во сила, о пастиру Христов Софроние, а Бог срце ти припреми во кого ти дела на милосрдие заради љубов кон ближниот твореше. Нека молитвата твоја и за нас сега пред Пресвета Троица восходи, милост да најдеме во вечни векови.

 

Поврзани вести

Back to top button