Ситуацијата со пандемијата на коронавирусот личи на подготовка за биолошка војна, изјави рускиот детски хирург Леонид Рошаљ, пренесува Раша тудеј.
„Кога ја анализирам моменталната ситуација, сфаќам дека ова е подготовка за биолошка војна. Не велам дека овој вирус го направил човекот, нема доволно основа за такви тврдења, а и јас не сум вирусолог. Но ова е тестирање на здравствениот систем, вклучувајќи и биолошка заштита на земјата“, истакна Рошаљ во интервјуто за Форбс.
Тој укажува на тоа дека вирусот не познава граници и дека е невозможно да се предвиди ширењето на епидемијата, бидејчи луѓе од различни земји поинаку се однесуваат, и покрај сите ограничувања.
Според него, во Русија во борбата против коронавирусот учествуваат сите, вклучувајќи ги и претседателот и владата.
Рускиот лекар смета дека ниската стапка на смртност во земјата е поврзана со навременото ограничување на влезот во земјата и мерките на внатрешната контрола.
Рошаљ порачува дека е неопходно да се продолжи со носењето маски и ракавици, дека не треба да се испраќаат настинати и болни деца во градинките, дека реба да се почитуваат санитарните мерки во претпријатијата, да им се забрани доаѓањето на работа на работниците кои не се чувствуваат добро и да продолжи тестирањето за коронавирусот.
„Коронавирусот ја тестира издржливоста на човештвото и тоа како би поднеле сериозна биолошка катастрофа“, заклучува рускиот доктор.