Македонија

Врачени 13 уверенија на идни судии и јавни обвинители

На 13 кандидати за судии и јавни обвинители од 5. генерација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска им беа доделени уверенија.

– Оваа генерација е првата која ги исполни новите построги критериуми за влез во почетната обука кои се однесуваа на висок просек од правните редовни и постдипломски студии, поседување меѓународен сертификат за англиски јазик, први од сите ги полагаа меѓународните психолошки тестови и тест на интегритет, како нововедени критериуми насочени кон натамошно унапредување на професионалноста, независноста и квалитетот на правосудството на Македонија, изјави директорката на Академијата, Анета Арнаудовска по доделувањето на уверенијата.

Кандидатите, како што рече, поминаа обука во траење од две години, а по теоретската настава беа поделени за професијата за судија или обвинител, по што практичната настава се одвиваше по специјализирана програма посебно за едната или другата професија.

– Сите 13 кандидати успешно го положија завршниот испит од Академијата и сега се ставени на располагање на судството и обвинителството на Република Македонија, додаде Арнаудовска.

На идните судии и јавни обвинители им се обратија претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Бранко Ушковски и претседателот на Советот на јавните обвинители на Република Македонија Петар Аневски.

ушковски во АСЈО

– Со добивањето на  денешните уверенија не значи дека вашето учење  престанува тука, туку продолжува и понатаму затоа што тоа ќе ви даде повисоки професионални стандарди, рече Ушковски.

Нагласи дека како слушатели на обуката во Академијата, како и преку соодветните пракси во судовите може да бидате веднаш вклучени во професијата и да се соочат со предизвиците на судиската и јавно обвинителската функција.

– Последните години се отстранети сите видови влијанија, и тоа не само влијанијата од политички аспект, туку е отстранет и секаков вид субјективизам при нивниот избор, рече Ушковски.

аневски во АСЈО

Претседателот на Советот на јавните обвинители, Аневски на идните судии и јавни обвинители им посака да го зачуваат својот углед и дека тоа ќе го постигнат ако ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори. – Угледот може да го изгубите за само пет минути, затоа внимавајте и почитувајте ги законите, рече Аневски.

Во оваа прилика посочи дека недостигаат 60 јавни обвинители во републичкото, вишите и основните јавни обвинителства.

Од вкупно 13 завршени кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители, осум завршиле за обвинители и според Аневски, тие веднаш ќе бидат распределени во обвинителствата каде недостига кадар.

Одговарајќи на новинарско прашање, Аневски рече дека е против формирање цпецијален суд во Македонија и оти има целосна доверба во судството. – Нема потреба од формирање специјален суд, тоа ќе биде спротивно на Уставот и Законот за судовите, рече Аневски.

Кандидатката со најдобар просек на Академијата, Вероника Станоевска рече дека поминале долг пат, дека вложиле многу труд и оти очекува во иднина нивните дејствија и одлуки кои ќе ги носат да зборуваат погласно.

Арнаудовска денеска го промовираше и Извештајот за работа на Академијата за судии и јавни обвинители за 2015 година. – Минатата година реализиравме  вкупно 267 обуки од кои 121 обука беа во соработка со домашни и странски партнери на Академијата, а за чија реализација беа ангажирани 234 предавачи од кои 96 странски истакнати правни практичари, рече Арнаудовска.

Информира дека е во тек испитната процедура за шестата генерација слушатели на Академијата. – Пријавени се рекорден број кандидати-64, од кои 62 успешно го положија квалификацискиот тест и сега се во натамошна процедура. Од нив најдобрите 30 ќе влезат во почетната обука на Академијата, додаде таа.

Поврзани вести

Back to top button