Владиката Петар: Двајца свештеници починаа од корона, вирусот постои, болеста не е наивна (ВИДЕО)
Имаме двајца свештеници починати, еден на 77-8-годишна возраст и најмладиот на 39-годишна возраст, кој не боледуваше од никаква болест. Сериозна е болеста – вели владиката Петар.
Тој денеска се обрати до верниците и посочи дека коронавирусот не е наивна болест и не е како што некои велат.
„Оваа болест не е наивна и не е како што некои велат, за жал и некои свештени лица, кои така велеа, не сакам да именувам, ама и тие заболеа. Кога велеа, дека не постои овој вирус и им велеа на луѓето: „Нема вирус!“ Вирус има! Болеста е присутна, умираат луѓе. Умираат дури патријарси, умираат владици, умираат свештеници, умираат ѓакони, умираат верници, умираат служители во црквите, сите умираат! Никого не поштедува оваа болест! Умираат лекари, врвни лекари умираат од оваа болест! Што значи сериозна е болеста“, рече владиката на Преспанско-пелагониската епархија.
Тој напоменува дека маската мора да се носи кога се приближувате кон некого со цел нешто да му кажете, а не да се вади пред тоа.
„Само ќе ви кажам една бројка колку во нашата епархија досега имаме умрено од вирусот – 255, до пред една недела. Ја добив информацијата од нашите свештеници. Имаме двајца свештеници починати. Не можам да осудувам како сето тоа се случило, но не заборавајте една работа, што е сигурна, дека ние сме потенцијални убијци, пренесувајќи ја оваа болест. Не е наивна работата! Ако сум ја пренел болеста на некој здрав, а тој умрел од болеста, јас сум го убил него! Сакајќи или несакајќи, знаејќи или незнаејќи! Сериозна е многу работава, браќа и сестри, не е наивна“, апелираше владиката Петар.