ВИДЕО: Уапсен еден од учесниците во терористичкиот напад во Брисел
Хаџим Лашрауи, еден од тројцата учесници во вчерашниот терористички напад на бриселскиот аеродром Завентем каде загинаа 15 лица, а стотина беа повредени, утринава е уапсен во населбата Андерлехт во Брисел, позната како едно од трите упоришта на исламски фундаменталисти и екстремисти заедно со Моленбек и Скарбек, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според јавувањето на фламанската ТВ-станица „ВТМ“ Лашрауи е еден од тројцата терористи чија слика се појави како со црни торби пристигнуваат на Нацоналниот белгиски аеродром, при што тој ја остава бомбата неактивирана и заминува, додека Ибрахим Ел Бакрауи и уште едно засега непознато лице се саморазнесуваат.
Ловот на белгиските безбедносни служби на Лашрауи, кој користи и втор идентитет како Суфијан Кајал, трае уште по терористичките напади во Париз во ноември минатата година, каде беа убиени 137 лица, а каде бил дел од терористичката група заедно со Салах Абдеслам, кого Белгијците го уапсија во петокот во бриселската населба Форест.
Наскоро, на прес-конференција во Кризниот центар во близина на федералнито апрламент на Белгија, се очекува да се откријат повеќе детали од апсењето на еден од најбараните терористи за вчерашниот грозоморен двоен терористички напад, каде исто така вториот од браќата Ел Бакрауи, Калид, се саморазнесе во бриселското метро крај станицата Малбек и одзеде 17 животи на невини лица, додека други 130 беа повредени.
А, според последните информации од Кризниот центар, меѓу вкупно 37-те жртви во вчерашните напади има 14 лица што се државјани на други држави, додека останатите се Белгијци. Сепак, нивниот идентитет и национална припадност се уште не се открива, додека не бидат известени амбасадите и нивните семејства.