СветТоп

(ВИДЕО) Лидер на секта злоставувал над 200 деца, биле најдени и детски гробови

Водач на секта од Зимбабве и „самопрогласен пророк“ Ишмаел Чокуронгерва денеска се појавил пред суд поради обвинение за злоупотреба на деца, откако полицијата упадна во неговата фарма и спасила повеќе од 200 деца кои биле подложени на тешка физичка работа, соопшти полицијата.

Децата биле „злоупотребувани како евтина работна сила, вршејќи физичка работа во замена да ги научат на животни вештини“, се вели во соопштението на полицијата, објави Би-Би-Си.

На имотот полицијата пронашла 251 дете кои не оделе на училиште. Повеќето од нив немале изводи од матичната книга на родените.

Пронашле и 16 гробници, од кои седум за бебиња, сите нерегистрирани, се вели во соопштението.

Чокуронгерва (56), кого полицијата го опишала како самопрогласен пророк, е уапсен оваа недела заедно со седум членови на неговата секта по рација на фарма во Нјабира, околу 30 километри западно од главниот град Хараре.

„Можам да потврдам дека денеска се појавија пред судот. Има многу обвиненија. Сè уште истражуваме, па би можеле да бидат покренати повеќе обвиненија“, изјави за Ројтерс портпаролот на полицијата Пол Ниати.

Денеска обвинетите не ја признаа вината.

Државната телевизија Х-Метро објави дека на Чокуронгерва и неговите соучесници им е одреден притвор со кауција до 19 март.

Тие се соочуваат со две точки од обвинението – за кршење на Законот за погребување и кремирање и Законот за деца.

На видеото што ја прикажува рацијата се гледаат десетици жени и деца облечени во бело, како седат под дрво и пеат.

Некои подоцна биле однесени во автобуси придружувани од полициски автомобили.

Зимбабве е претежно христијанска земја каде апостолските секти се вообичаени.

Чокуронгерва, познат и како Маџибаба Исмаел, во полициската изјава е идентификуван како водач во црквата Јохана Масова или „бело платно“.

Неговите следбеници претходно биле обвинети за злоупотреба на жени и деца и се знае дека практикуваат детски бракови.

Поврзани вести

Back to top button