Вечната битка помеѓу Муслиманите за наследството на Мухамед
Иран и Саудиска Арабија го засилуваат вековниот конфликт меѓу сунитите и шиитите. Обете страни се обидуваат да го експлоатираат внатрешниот исламски конфликт кој трае веќе 1.300 години, пишува Дојче веле.
Зборовите кои ги употреби Врховниот ирански лидер Ајатолах Али Хаменеи беа остри. По убиството на шиитскиот свештеник Нимр Бакр Ал Нимр тој се закани дека: „Неоправдано пролеаната крв на овој маченик без сомнение ќе има последици а света одмазда ќе ги стигне саудиските политичари“.
Како и многу други верски учители во Иран, Хаменеи носи црн турбан како симбол на блискоста со исламскиот пророк Мухамед. И саудиското кралско семејство се повикува на Мухамед и исламот.
Но, шиитскиот Иран и сунитската Саудиска Арабија се исто така и ривали за политичка контрола на Блискиот Исток. Во ова ривалство, обете страни се обидуваат да ги поврзат политичките цели со религиозни интерпретации. Во тој контекст, егзекуцијата на Ал Нимр делува како уште една епизода во долгата историја на внатре-исламските превирања.
Битката за наследник на пророкот
Поделбата на Исламот на сунитски и шиитски води потекло од битката за наследник на пророкот Мухамед. Кога исламскиот пророк умрел во 632 година, неговите следбеници требало да го изберат неговиот верски и политички наследник. Шиитите веруваат дека Мухамед го избрал неговиот зет Али за наследник. Името шииот доаѓа од арапскиот „Ши’ату Али“ или следбеници на Али. Групата, денеска позната како сунити, го отфрла ова тврдење и преовладува. Терминот Суна се однесува на идеалот за делувањето и учењето на пророкот Мухамед.
Шиитите во малцинство
И сунитите и шиитите се поделиле на натамошни групи низ вековите. Шиитите претставуваат меѓу 10 и 15 проценти од околу 1,5 милијарди муслимани ширум светот, но се во мнозинство во државите како Иран, Ирак и Бахреин. Но двата милиони шиити кои живеат во Саудиска Арабија се потчинето малцинство. Ниту сунитите не се унифицирана група и кај нив постојат голем број различни групи. Но, во суштина меѓу двете верски групи постојат повеќе сличности отколку разлики. Петте столбови на исламот- исповед, молитва, пост, аџилак во Мека и помош за сиромашните, се идентични кај сите групи, иако постојат разлики во детаљите.
Значајна разлика меѓу сунитите и шиитите е нивниот индивидуален однос кон власта. Низ историјата, шиитите биле дискриминирано малцинство. Тоа ја обликувало и нивната теологија. Бунтовите против сунитските калифи, кои шиитите ги сметаат за нелегитимни, играат централна улога во таа теологија.
Во 680 година, синот на Али, Хусеин загинал во еден таков бунт. Секоја година шиитите се потсетуваат на неговата смрт за време на празникот Ашура. Сеќавањето на таа жртва се одржува и во современите конфликти. На пример, саможртвата на Хусеин често беше истакнувана за време на војната на Иран против Ирак во 1980-те години.
Навидум вековни конфликти
Сунитите и шиитите се среќаваа на бојното поле и во војните меѓу сунитската Отоманска империја и персиските шахови. Колку овие историски референци се важни и оставаат трага и денес може најдобро да се забележи во успехот на Саудиска Арабија и Иран да мобилизираат голем број луѓе за војните во Сирија и Јемен. Иран ги поддржува несунитските групи, додека Саудијците градат коалиции со сунитските држави.
Но зад верската пропаганда, постојат многу примери за мирна коегзистенција. Претставниците на двете учења честопати се обидувале да ги надминат разликите. Во 1959 година, Махмут Шалтут, тогаш ректор на египетскиот Ал Ажар Универзитет, објави дека шиитските верски обичаи се еднакви на оние на сунитскиот ислам. Универзитетот Ал Ажар се смета за најпрестижната сунитска школа.
Повеќе на Дојче веле