Избор на уредникотСвет

ВАШИНГТОН ТАЈМС: Пропаднатата стратегија на Бил Клинтон за Косово нека испари во пандемијата на ковид-19

Парите на даночните обврзници ги финансираат американските трупи што се таму за да ги спречат локалните жители заемно да се испоубијат, вели за Вашингтон тајмс Џеј Мајкл Волер, виш стратегиски аналитичар во Центарот за безбедносна политика во Вашингтон.

Како забавен парк на некој политички култ, триметарската статуа на размавтаниот Бил Клинтон се ѕвери над булеварот Бил Клинтон недалеку од бутикот за облека Хилари. Метална биста на поранешната државна секретарка на претседателот Клинтон, Медлин Олбрајт, демне во паркот во близина. Надвор од градот, во близина на американска воена база, 30-километaрски пат го носи името на починатиот син на Џо Бајден. Конгресменот од Бронкс Елиот Енгел не само што доби свој булевар, туку му го ставија лицето и на поштенска марка.

Звучи како циркус на изроди, и реално е. Сè беше овозможено со 2 милијарди американски долари од парите на американските даночни обврзници. Додадете уште поголема сметка за тамошните американски трупи – не за да го заштитат местото од странски напаѓачи или да ги обезбедуваат американските витални интереси – туку да ги спречат локалните жители да се испоубијат меѓусебе. Циркусот на изроди се вика Косово.

Косово е бескраен хаос. Неговите сопствени луѓе, турлитава од заемно непомирливи култури, традиционално не можат да се здружат без некоја форма на диктатор или воена окупација. Секоја страна етнички се „чисти“ себеси од другата во ужасот на граѓанска војна меѓу етничките албански муслимани и етничките српски христијани. Албанското мнозинство ги протера повеќето христијани – никој во светот не ни трепна – и прогласи независност од Србија.

Отцепената копнена покраина има нула стратегиска вредност за Соединетите Држави. Со територија помала од половина Вермонт, Косово е дом на население со големина на Бронкс. Тоа е вавилонска кула од пет официјални јазици со две азбуки. Осумдесет проценти од неговите млади луѓе не работат. Најпознатиот косовски извоз се џихадистите.

Пред нешто повеќе од две децении, косовската крвава граѓанска војна против христијаните и христијанските Срби го поттикна конгресменот Енгел да ги убеди Олбрајт и Клинтон да употребат американска сила за да ја поразат христијанската страна. Клинтон го искористи НАТО како смоквин лист за да изврши бомбардирања, емотивно наречени „Медлинината војна“, наводно за да се запре крвопролевањето.

Хуманитарното бомбардирање му донесе автономија на Косово, но бомбите не беа доволни: група исламистички бунтовници, Ослободителната војска на Косово (ОВК), вршеа герилски операции на теренот за да ја формираат новата востаничка влада. Многу американски официјални претставници во тоа време ја сметаа ОВК како исламистичка терористичка група, но Енгел не се вознемири. Тој го искористи своето место во Комисијата за надворешни работи на Домот за да спонзорира закон за финансирање на ОВК. Ова веројатно му ја донесе на Енгел неговата слика на косовската поштенска марка.

По војната, мештаните уште еднаш докажаа дека не можат да се усогласат и дека им треба вооружена дадилка. Клинтон однесе американски трупи со европските сојузници што го вееја знамето на НАТО и апсурдно ги покани руските трупи да „помогнат“. Незгодниот хибрид речиси резултираше во воена конфронтација на НАТО со Русија.

Откако Соединетите Држави и сојузничките копнени сили обезбедија милитаризиран детски дневен престој, со години се одолговлекуваше еден „мировен процес“, за време на кој во 2008 година сецесионистичката провинција се отцепи од Србија и прогласи независност благодарение на американските трупи, кои осигурија дека мировниот процес бескрајно ќе продолжи да мувлосува.

Гледајќи дека Русија ги искористи предностите и ги обнови своите вековни врски со Србија, а Кинезите се во потрага по европска база, администрацијата на Трамп се обидуваше да ги повлече Соединетите Држави од косовскиот хаос и да ја намами Србија кон запад. Србија, иако е мала, останува центар што ги поврзува југоисточна и централна Европа и делумно копнен мост од централна Европа, далеку од Црно Море во кое доминираат Русите и Турците, кон Медитеранот.

Но поддржувачите на Косово не сакаат ништо од тоа. Неодамна во од пандемијата затворениот Вашингтон, некои луѓе се обидоа да ги рециклираат поентите и блеат за да привлечат внимание и да го спасат клинтонското статус кво. Еден од нив го прекина карантинот за да го нарече Косово „најпроамериканската земја во Европа“. Друг ја фалеше микродржавата како „најпроамериканската земја на светот“.

Ова може да биде точно сè додека глупавите Американци продолжуваат да пумпаат кеш и да обезбедуваат воена заштита од омразените христијани. Но тоа не е баш во согласност со статусот на Косово како најголем терен за регрутирање џихадистички терористи по жител.

Сега, долгогодишните поддржувачи на Клинтоновата машинерија лелекаат дека „американската стратегија за Косово се топи“.

И време беше.

Преведено од МКД.МК

Поврзани вести

Back to top button