Убиството на Орхан Бајрами во Грција е снимено: Тој заедно со две женски лица седел во дворот кога било пукано во него (ВИДЕО)
Според грчкиот портал „Ин.гр“, убиството на Орхан Бајрами од Македонија е снимено. Тие објавија снимки од вилата во која биле сместени убиениот, неговиот другар и двете жени.
Начинот на кој бил убиен македонскиот државјанин Орхан Бајрами – Оки, покажува дека се работи за нарачано убиство, велат грчките медиуми. Сепак, останува истрагата да го докаже тоа.
Како што се додава, во моментот на убиството Оки бил со своето друштво во дворот од апартманот на Халкидики, каде се криел. Тој заедно со уште еден пријател и две женски лица, седеле во дворот кога се појавиле 2 лица на мотор и отвориле оган врз него. Со 19 куршуми било пукано во Оки, кој починал веднаш, неговиот пријател бил тешко ранет, а во женските лица не било пукано.
Во овој контекст, се поврзува мафијашката егзекуција на 39-годишниот со уште едно убиство пред околу три месеци во Скопје.
Според тврдењата, Оки бил познато име во подземјето и организираниот криминал на Македонија. Тој бил еден од водечките членови на подземната група во Скопје, наречена Дуканџик (Пазарџии).
Информациите говорат дека со месеци во Скопје се води војна меѓу криминалните групи на подземјето, при што групата на Оки е цел на ривалска мафијашка група. Како што тврдат, 39-годишниот всушност се криел во Грција знаејќи дека тој е следната цел.
Според информациите, се работи за бизнисмен, кој бил сопственик на казина во Македонија и фабрика за алкохол во Скопје.
Истрагата е во тек и треба да покаже дали навистина се работи за нарачано убиство и од кого.
Се претпоставува дека веднаш по нападот, осомничените ја преминале границата кон Македонија каде се информирани македонските власти, пишуваат грчките медиуми.