Македонија

Убавините на Македонија претставени во Русија

Туристичкиот потенцијал на Македонија е претставен во изминатите три дена на Саемот за туризам во Москва, со активности организирани од страна на  Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ).

– Со волонтерска поддршка од македонски студенти во Русија, штандот на Македонија привлече големо внимание со промоцијата на религиозниот, културниот, кулинарскиот и винскиот туризам, но атракција беа и послуженото вино, сирење и ајвар. За време на саемот, македонското вино побуди голем интерес со што се разменија контакти и линкови со експерти од различни области кои го посетија нашиот штанд, соопшти АППТ.

На средба на директорката на АППТ Лела Крстевска со заменик раководителот на Федералната агенција за туризам, Сергеј Евгениевич Корнеев се договорени заеднички активности за подобра промоција на македонскиот туризам и инвестицискиот потенцијал на земјава.

Во тек на саемот за туризам во Москва, информираат од Агенцијата, е остварена средба со еден од поголемите европски тур-оператори присутен на рускиот пазар и извршени се првични разговори за воведување чартер линија за олеснување на туристичкиот промет.

Остварена е средба и со претседателот на Асоцијацијата за тур-оператори на Русија (АТОР) на која станало збор за можна соработка и промоција на македонскиот туризам кај членките од асоцијацијата.

– Штандот беше посетен од многу тур-оператори и туристички агенции кои пројавија интерес за Македонија, а евидентно го зголеми интересот кај руската публика и репортажата за Македонија, која се емитува на руската национална телевизија на најпопуларната емсиија за туризам „Neputevje Zametki” на Димитри Карлов, се вели во соопштението од АППТ.

Поврзани вести

Back to top button